Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Радовиш силно ја нападна Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека земјоделството го доведе до распад, а трудот на земјоделците целосно го обезвредни. Тој укажа на катастрофалната состојба во која се наоѓа земјоделството, особено во делот на ниските откупни цени и укинувањето на поддршката.
„Промовираа некакви проекти за развој на земјоделството, а во реалноста ги скратија субвенциите и го обезвреднија трудот на земјоделецот. Откупните цени никогаш не биле пониски, во услови кога трошоците за производство и за репроматеријали секојдневно растат“, истакна Филипче.
На трибината, Филипче додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да понуди решенија, им го сврте грбот на земјоделците и креираше хаос во секторот кој треба да биде еден од главните двигатели на економијата.
„Видовме во најтешките кризи што значи да се има домашно земјоделско производство и зошто е потребна поддршка на земјоделците. Ама за ВМРО-ДПМНЕ тоа не е важно, го доведоа земјоделството до распад. ВМРО-ДПМНЕ ги фаворизира големите компании, како и во сите други сектори, а при тоа за вистинските земјоделци нема слух и ги остави без поддршка“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека секоја земјоделска гранка е погодена од лошите политики на власта.
„Гледате што се случува со откупот на пиперката ајварка, ветуваа 45 денари по килограм, а денес цената е понижувачки 20 денари. Видовме што им направија на лозарите, го одбија нашиот предлог за 3 денари дополнителна поддршка“, рече Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, додавајќи дека СДСМ секогаш носеше правилни мерки во интерес на земјоделците и развој на земјоделството.