Соопштение за јавност
Шукова: Дрисла ќе стане санитарна депонија со строга контрола
Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на подкастот „Каде се парите?“ најави дека еден од нејзините главни приоритети ќе биде потполната санација и модернизација на депонијата Дрисла, со цел конечно да се усогласи со европските стандарди за санитарни депонии.
„Дрисла не е санитарна депонија. Тоа мора да го кажеме отворено. Иако со години се зборува за европски стандарди, реалноста е дека во депонијата нема соодветна контрола на гасовите, ниту на исцедокот што продира во почвата и подземните води“, изјави Шукова.
Нејзиниот план предвидува воведување на целосен систем за собирање и контрола на метанот, за да се спречи самозапалување и загадување на воздухот, како и поставување современ систем за преработка на исцедокот со кој ќе се заштитат подземните и површинските води. Покрај тоа, ќе се воведе контролирано затрупување на отпадот по утврдени стандарди, со употреба на земја и глина и постојано компактирање на материјалот.
„Секој ден што дозволуваме гасовите и исцедокот да излегуваат во природата, ја труеме животната средина. Ќе го примениме моделот што веќе функционира во Словенија и Хрватска – санитарна депонија со строга контрола“, истакна Шукова.
Таа додаде дека проектот ќе се реализира со поддршка од европските ИПА фондови и во соработка со приватниот сектор, во рамките на националниот процес за регионално управување со отпад.
„Со ова Скопје конечно ќе стане дел од современиот систем на управување со отпад каков што му доликува на европски град“, порача Шукова.