Соопштение за јавност
Шукова: Време е за резултати уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вечерва одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“