Соопштение за јавност
Филипче: Власта го руши нашиот дом цигла по цигла, да ги запреме во недела со глас за СДСМ!
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Крива Паланка, предупреди дека актуелната власт го руши „нашиот заеднички дом, цигла по цигла“, и дека во недела граѓаните се тие што можат да го запрат ова уназадување со својот глас.
„Со вашиот глас, можете многу! Да кажете доста беше со игнорирањето на проблемите на народот, кој едвај врзува крај со крај. Доста беше со ароганцијата на власта која не го слуша, не го гледа и не се грижи за својот народ, за својата земја. Доста беше поделби и неизвесност, додека младите ни се иселуваат”, порача д-р Филипче.
Тој упати силна порака до граѓаните со повик на масовна излезност на изборите во недела и поддршка за вистински промени.
„Вашата сила е во гласањето! Ве повикувам да ја покажете таа ваша сила во недела! Со масовно излегување на гласачките места, со вашиот глас да пратите силна порака за вистинска промена”, истакна д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека граѓаните имаат можност да испратат јасна порака и опомена, но уште поважно да спречат понатамошно уназадување на државата.
„Имате шанса да опоменете дека вака веќе не може, но најмногу имате шанса да ги спречите. Да избереме одговорна власт што ќе служи на народот, а не на лични интереси”, нагласи д-р Филипе пред присутните на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која вечерва се одржа во Крива Паланка.