Соопштение за јавност
Филипче: Власта ја кочи државата – нема реформи во правосудството, антикорупцијата и медиумите
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната Национална конвенција за Европската Унија, остро ја критикуваше неспособноста на владата да испорача резултати во клучните реформски области. Тој укажа дека Европската комисија јасно нотирала сериозни слабости во правосудството, борбата со корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.
„Неколку сериозни забелешки има во делот на неспроведувањето на препораките за правосудството. Не се донесе ни Законот за парнична постапка, не е зајакната улогата на Судскиот совет, не е зајакнат ниту доследно се применува АКМИС системот за електронско управување со судските предмети“, рече Филипче.
Посочи дека и борбата против корупцијата е заглавена, со драстичен недостиг на политичка волја и ресурси. „Не е донесен нов Кривичен законик, потребна е подобра имплементација на антикорупциската стратегија и изготвување на нова, сега за периодот 2026 до 2030. Јавното обвинителство и другите институции од правосудниот систем немаат доволно човечки и финансиски ресурси“, нагласи Филипче.
Тој ја коментираше и ограничената слобода на медиумите, нотирана во извештајот на Европската комисија. „Во делот на медиумските слободи е постигнат само ограничен напредок. Се препорачуваат законски измени, особено во делот на транспарентноста на сопственоста на медиумите“, изјави Филипче.
Критики доби и функционирањето на Собранието, каде според него се задушува дебатата и се бега од отчетност. „Иако начелно е оценето како функционално, се забележува дека огромен број на закони доаѓаат по скратена постапка. Ние не можеме да затвориме очи пред тоа. Тоа ја скратува можноста за дебата во Собранието, ја скратува можноста да бидеме инклузивни – секој еден чинител да може да го каже своето мислење за да законските решенија бидат што поквалитетни“, рече Филипче.
Во обраќањето посочи и дека Владата доцни со спроведување на обврските поврзани со економските критериуми. „Има забелешки во делот на економските критериуми, а тоа е финансиската консолидација со која се доцни и одложувањето на сите планови за имплементација на Законот за органски буџет, кој требаше да започне до 2025 година“, истакна претседателот на СДСМ.
Со ваквиот пристап, според Филипче, Владата директно го компромитира патот на земјата кон ЕУ и ја уназадува државата во сите стратешки сектори.








