fbpx

Одбележани 15 години од загинувањето на македонските бранители кај Вејце

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот Оливер Спасовски, денеска во Битола положи цвеќе на споменикот на бранителите пред СВР Битола и на споменикот „Ангел“ во паркот кај градскиот часовник и им оддаде почит на храбрите луѓе кои загинаа на денешен ден пред 15 години во Вејце.

„Ова е ден на сеќавање и ден на опомена. Ден на сеќавање на бранителите кои што го дадоа животот за Република Македонија и ден на опомена за тоа што треба да направиме ние за да оставиме нешто на идните генерации. Недозволиво е дел од семејствата на бранителите да не бидат воопшто обештетени од Република Македонија. Таа неправда ќе мора да се исправи. Опомена е заради тоа што Република Македонија денеска се наоѓа во сериозна политичка, морална и економска криза со страшна поделеност и токму денешниот ден и сеќавањето на овие храбри луѓе кои го дадоа животот за Македонија треба да биде опомена за сите, за тоа што треба да се прави во овој момент. Особено треба да биде опомена за Министерството за внатрешни работи. Да се сочува стабилноста и единството. МВР да биде столб на безбедноста на Република Македонија. Опомена дека не смее да има политикантство кое ја доведува под знак прашалник безбедноста и стабилноста на државата“, рече министерот Спасовски.

Бранителот Сашо Гилевски, истакна дека храброста и пожртвуваноста на бранителите, на оние кои загинаа во 2001 и оние кои останаа живи, нивниот однос кон државата треба да биде водилка за решавањето на проблемите во државата. Но, Гилевски го потенцира и разочарувањето на семејствата на загинатите бранители, како и на бранителите кои беа ранети, а останале заборавени од државата.

„15 години овие луѓе се манипулирани , заборавени од државата, од институциите, од оние на кои фотељите им значат повеќе од се. Но, денеска не е така. Пред нас стои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и тој е првиот министер кој се поклони пред споменикот на загинатите бранители. Претседателот на Република Македонија кој го одработува својот втор мандат не најде време да се поклони пред споменикот на овие наши бранители, ниту тој ниту било кој друг висок функционер од оваа власт. Нспротив, единствена нивна задача беше да ги поделат живите бранители, да ги разделат на две здруженија мислејќи дека така ќе можат полесно да манипулираат со нив“, рече Гилевски.

На 28 април 2001 од заседа беа убиени осум бранители, припадници на посебната единица на СВР Битола и Полкот за специјални операции „Волци“.

 

Министерство за внатрешни работи 

 

 

 

Последни вести