Филипче: Ако Италија се справи со Коза Ностра, Македонија ќе се справи со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче: Ако Италија се справи со Коза Ностра, Македонија ќе се справи со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ!

„Борбата против корупцијата станува најважниот фронт во кој СДСМ продолжува заедно со граѓаните, одлучно и без компромиси“, порача на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче кој најави нов фронт за борба против криминалот на актуелната власт.

„Ова е нов фронт, фронт заедно со граѓаните, во борба против корупцијата на оваа криминална и ненародна власт,“ истакна Филипче.

Тој најави дека СДСМ ќе побара поддршка и од институциите кои со децении биле симбол на бескомпромисна борба против мафијата, споредувајќи го криминалот на ВМРО-ДПМНЕ со оној на италијанската Коза Ностра.

„Ќе поднесеме иницијатива до антикорупциските институции во Италија, кои со години и децении се бореа против најорганизираната европска мафија – Коза Ностра. Кога тие успеаја да се справат со Коза Ностра, можеме и ние во тука да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ,“ нагласи претседателот на СДСМ.

Претседателот Филипче порача дека е крајно време да се расчисти со сите корупциски шеми што ја разоруваат државата.

„Превенцијата не успеа. Корупцијата ескалираше и мора да се истражи сè. Крадењето мора да престане. Секој што крадел ќе одговара,“ додаде тој.

Претседателот на СДСМ на прес конференцијата најави и нови откритија кои ќе ја разобличат криминалната мрежа на актуелната власт.

„Ги спремивме новите бомби 2.0. Најавувам дека утре следува нова. Нов скандал, нова корупциска шема поврзана со членови на владејачката гарнитура. За сè имаме докази, имаме документи и ќе ги презентираме пред јавноста,“ изјави Филипче.

Тој потенцираше дека ова е долга, но неопходна битка, и дека СДСМ нема да застане.

„Борбата продолжува, почитувани граѓани. Работата не е завршена,“ децидно порача Филипче.