Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев придружуван од членот на Извршниот одбор, Едмонд Адеми денеска се сретна со претседателот на Партијата за слобода демократија и етика од Албанија, Аријан Галдини.
Средбата беше со цел подобро меѓусебно запознавање, а беа разменети и информации за заложбите на секоја од партиите за развој на матичните земји во демократски дух и клима на меѓусебно почитување и разбирање.
-СДСМ е фокусирана на клучниот интерес за граѓаните, а тоа се регуларни избори на коишто Македонија ќе добие кредибилна Влада. Само таква Влада може да работи во интерес на добар живот на граѓаните и на отворање перспективи за реален развој на Македонија. Нашите заложби се еднаквост, правда, слобода за сите граѓани во Република Македонија која ја градиме и ја гледаме како едно општество за сите, рече претседателот Заев.
На средбата се потенцирани како позитивен пример интегративните политики на претседателот Заев и на СДСМ, коишто позитивно се манифестираа низ мултиетничкото единство во Кампот на слободата и денес, на протестите.
-Проблемот на граѓаните во Македонија не се нивните различности по која било основа, туку тоа е актуелната власт којашто ги донесе луѓето на раб на сиромаштија. Граѓаните се обединети повеќе од секогаш, ги препознаваат проѕирните политики на поделби на власта и уште поцврсто застануваат зад заедничка иднина, со нова одговорна Влада којашто ќе се грижи за нив, наместо да ги потценува, краде, лаже и користи за свои лични интереси, рече претседателот Заев.
26.04.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА