Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Тема на денот“, на телевизија Сител, посочи дека СДСМ е подготвена да ја продолжи политичката борба на избори, затоа што состојбата во државата и прашањата што се отвораат директно ја засегаат иднината на граѓаните.
Филипче оцени дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не ја крие блискоста со актуелните власти во Србија и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочувајќи дека токму тие политички врски се клучни за опстанокот на премиерот Христијан Мицкоски.
„Тие две земји, Унгарија има избори напролет, некаде Вучиќ најави во Србија во следните шест месеци, така што избори ќе се случат. Гледаме таму како се активни студентите, гледаме дека таму веќе ќе има вистинска пролет и ќе се случат вистински демократски промени после долги години стагнација од европскиот пат. Без нивната помош завршува политичката кариера на Христијан Мицкоски. “, рече Филипче.
Тој додаде дека токму поради најавените избори во Србија и Унгарија, кои ќе донесат и сериозни политички промени, премиерот Мицкоски испраќа контрадикторни пораки околу прашањето со мигрантите.
„И затоа тој кажува дека ќе има ситуација во која што нема да има мигранти до март до април, еве денеска кажал до јуни. Што тој всушност кажува- ќе има избори ќе се обидам да добијам мандат, а после тоа ќе донесам мигранти, мигранти коишто ние имаме добра пијаровска кујна ќе ја продадеме дека добро е да се тука, и така натаму. Додека од друга страна нема да има пари и пензии. Ние тоа нема да го дозволиме. Ако прашате како, со сите демократски средства. Спремни сме да се бориме на избори, затоа што станува збор за иднината на државата“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче укажа дека дополнителен прием на мигранти, во ситуација кога буџетот е празен, а нема средства за пензии и плати, би претставувал сериозен удар врз економската и социјалната стабилност на земјата.
„Сериозно сме загрижени дека безбедноста и економската ситуација се веќе кревки, а уште повеќе ако се носат мигранти кои можат да загрозат многу други аспекти на нашето живеење, додека нема пари ни за пензии, ни за плати“, рече Филипче.


