Соопштение за јавност
Скопјани со денови се задушени од загаден воздух, а ниту Владата ниту локалната власт на ДПМНЕ не преземаат соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје побара одрежува вонредна седница на Советот со предлог мерки и остро укажа на двојните стандарди на власта кога станува збор за трошењето на јавните пари.
„Не може да има пари за милионски тендери за испумпување на парите на граѓаните, 9 милиони евра за само една фирма, или 161 тендер за друга фирма а да нема пари за скопјани. Не може богатењето на поединци во власта да биде поважно од здравјето на скопјани. Тоа мора да се промени веднаш, за здравјето на скопјани се работи, за половина милион жители, деца, возрасни, млади, сите се засегнати!“, рече Катерина Цаневска Арсовска.
Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје алармираат дека состојбата е алармантна и бараат итна реакција.
„Скопјани се гушат во загаден воздух со денови. Скопје е најзагаден град во Европа, затоа бараме прогласување на еколошка и здравствена кризна состојба во градот“, изјави Катерина Цаневска Арсовска, во име на Советничката група на СДСМ во Град Скопје.
Таа посочи дека мора веднаш да се смени пристапот и власта да насочи средствата таму каде што се најпотребни – во здравјето на граѓаните.
„Бараме да се донесе Одлука со која намалувањето на загадувањето на воздухот се утврдува како приоритет, и да се даде приоритет на финансирањето на мерки од Градот Скопје, бидејќи досега не се инвестираат пари во проекти за почист воздух, граѓаните се оставени сами на себе“, истакна Цаневска Арсовска.
Поради сериозноста на состојбата, Советничката група на СДСМ презеде конкретен чекор со предлог мерки.
„Затоа Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје поднесе иницијатива за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје“, изјави Цаневска Арсовска.
Таа повика на надпартиска одговорност и заедничка акција.
„Бараме поддршка од сите советнички групи во Советот да ја оджиме оваа седница и да утврдиме заклучоци и итни мерки. Здравјето на скопјани е во прашање и затоа заедно да донесеме мерки за решавање на проблемот“, рече таа.
На вонредната седница, Советничката група на СДСМ ќе предложи конкретни и итни мерки.
„На самата седница ние ќе предложиме мерки: Бесплатен јавен превоз во деновите кога воздухот е загаден, да се побараат пари од владата за бесплатни филтри на оџаците на големите загадувачи, пренамена на пари за прочистувачи, за граѓаните за еколошко греење, да се донесе забрана за греење со дрва и јаглен во подрачја со достапно централно греење, понатаму расчистување на дивите депонии на територија на Град Скопје, миење на улиците, пари за еколошки проекти“, посочи Цаневска Арсовска.
На крајот, таа упати јасен повик за итно дејствување.
„Да застанеме сите заедно на страната на Скопјани, да делуваме веднаш“.

