Соопштение за јавност
Штип синоќа беше домаќин на една од низата трибини коишто СДСМ ги започна низ цела Македонија со цел граѓаните да ги слушнат мерките од Програмата на СДСМ што се решение на проблемите и предизвиците со коишто се соочуваат.
Од Штип почнуваат промените во Македонија. Се чувствува нова енергија, нова надеж за сите граѓани коишто сакаат подобар живот и повисок стандард. Вака Оливер Спасовски ја започна Трибината во Штип пред голем број граѓани коишто дојдоа да ги слушнат мерките од Програмата.
Презентирајќи ги мерките, Спасовски рече дека Македонија ќе тргне по нов пат. Пат кон сигурна и безбедна иднина воден од нова Влада предводена од чесни и одговорни луѓе.
-Фокусот во Програмата на СДСМ е отворањето на нови работни места со достоинствени, повисоки плати. Затоа, ќе обезбедиме 140 милиони евра, неповратна државна помош за домашните мали и средни претпријатија, коишто ќе креираат нови работни места. Но, не било какви работни места, туку достоинствени работни места со повисоки плати и загарантирани работнички права. Завршува времето на експлоатацијата на работниците во Македонија. Минималната плата ќе ја зголемиме на 15 илјади денари а просечната ќе достигне до над 29 илјади денари, рече Спасовски.
Пратеничката Рената Дескоска рече дека по демократските промени ќе се почитува владеењето на правото, законите ќе важат за сите подеднакво.
-Амнестија за криминал нема да има. Секој што го прекршил законот ќе одговара, а парите коишто со години се излевани од државата преку оф шор кмпании ќе ги вратиме назад кон граѓаните, рече Дескоска.
Претседателот на Комисијата транспорт и врски, Благој Бочварски ги презентираше мерките од Програмата на СДСМ во делот на инфраструктурата,
-Мерките во програмата на СДСМ значат инвестиција од 3 милијарди евра во патна и железничка инфраструктура. Нашите цели се Македонија без кал, Македонија без црни точки. Ќе инвестираме 550 милиони евра во регионални и локални патишта, а ќе изградиме 600 километри автопатишта, рече Бочварски.
Претседателот на Комисијата за образование, Петар Атанасов, истакна дека по промените, ќе се направи целосна ревизија на образовниот систем.
-Ќе дадеме поддршка на наставниот кадар и наместо да ги казнуваме, ќе ги наградуваме. Ќе изградиме Студентски дом во Скопје, студентски кампус во Штип. Ќе ги намалиме предметите во основното образование, а екстерното оценување ќе го укинеме веднаш, рече Атанасов.
На крајот на трибината Спасовски порача дека на следните фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми, во Македонија ќе се случат промените на коишто ќе победи СДСМ, ќе победат граѓаните, ќе победи Македонија.
Скопје, 04.04.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА