Геровата „Војна и мир“

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

По нашето пишување за случајот „Фрљо“, добивме одговор обемен како Толстојевата „Војна и мир“. Со нешто помалку поглавја од споменатото дело. Како што тргна, помисливме да земеме неколку дена пауза за сè да прочитаме.

Најважниот дел – Геро призна!

Призна дека работел, но и дека уште тогаш се заљубил во начинот на кој Вучиќ се пресметува со неистомислениците.
Преку овој текст дополнително ја покажа својата омраза кон СДСМ и нејзините членови.

Интересно е што, покрај простачкиот наслов на текстот (не знаеме дали ЗНМ ќе реагира) и покрај неговиот примитивизам, Геро покажа уште некои свои карактерни црти. Меѓу нив – агресија и садизам.

Во бројни психолошки истражувања, оваа црта на личноста е дел од „мрачната тетрада“ што ја сочинуваат: нарцизам, макијавелизам, психопатија и садизам.

Па, да почнеме…

Прво поглавје – Нарцизам

Себеси се гледа како морален, благороден, доминантен. Бара восхит.

Во објаснувањата ја започнува реченицата со „ЈАС“!

Во првиот дел се фали и се величи себеси – како тој го направил „Слободен печат“. Без него, наводно, ништо не би постоело, веројатно ниту новинарството во Македонија, а камоли дневен весник. Толку многу зборови троши што ние нема ниту малку. Тој што баш нема што да прави, може сè да прочита во неговата објава.

Второ поглавје – Макијавелизам

„Целта ги оправдува средствата“. Основата на оваа карактерна црта е ладно, пресметано, инструментално однесување насочено кон личен интерес.

Во ова поглавје се потрудил со објаснувања зошто сето тоа го трпел и морал. Знаете, морал – затоа што сите тие станови (по Грција, Македонија, а да го прашаме и каков е во Белград), заработени според бизнис-принцип познат нему, мора и да се одржуваат.

Целта е секогаш на исто место – Бихаќка. Таа мета одамна е нацртана и никогаш не е симната.

Трето поглавје – Психопатија

Површен шарм, лесно и убедливо лажење, грандиозно самовидување, обвинување на другите и присвојување на заслуги.
Ова е присутно во секоја реченица од неговиот текст (ако воопшто може така да се нарече). Не е потребно понатамошно појаснување.

Четврто поглавје – Садизам

Уживање во страдањето на другите, суровост и безчувствителност, дехуманизација…

Во овој дел од текстот особено го нагласува своето уживање во страдањето на другите, цитираме:

„…и газда Аца клекна на колена како кученце. Башановиќ некое време се криеше под сукња…“
Во другиот дел, по фалењето на акцијата на Вучиќ за казнување на тогашниот сопственик, пишува и за своите заслуги, нели…

Интересно е што само неколку часа по неговата објава се појавува и текст со предлог дека неговите изјави треба да ги земе предвид Обвинителството.

Не е оркестрирано и договорено? Сигурно не е…

Ние добро паметиме кој тогаш беше главниот протагонист кога сето ова беше актуелно…

Накратко ви прикажавме како изгледа еден од главните соработници во акцијата за рушење на СДСМ од страна на ВМРО.

Ова е само делче од големиот спектар активности, осмислени и финансирани од СНС, по моделот на рушење на српската опозиција.

Дел од придружните активности:

• Обиди за внатрешно рушење преку поединечни условени членови;
• Обид за врбување на поединечни членови кои за пари би работеле на растурање на партијата одвнатре;
• Обид за создавање фракции во рамките на партијата;
• Медиумски напади преку директни и индиректни медиумски канали на ВМРО;
• Притисок врз СДСМ преку закани со Обвинителство, кривични пријави и апсења;
• Донесување собраниски декрет за забрана на слободата на говор…

Оваа акција започна во моментот кога СДСМ ги објави плановите на ВМРО за „мигранти за пари“ и кога АКТ го објави само првиот дел од „Бомбите“, чија цел е разоткривање на мрежата на корупција и криминал во Македонија.

За да не останеме недоречени во врска со заканите упатени од т.н. „уредник“ (ако по таков наслов воопшто може така да се нарече), ќе го замолиме г. Геро да ни ја продолжи приказната – но во форма на расказ.

Искрено се надеваме дека следниот дел нема да биде како делото „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст. Ако биде така, ќе мора да почека до пролет за нашиот одговор.

На Бихаќка, АКТ работи, се подготвуваат документи за Обвинителството во врска со криминалот и корупцијата на коалицијата ВМРО/ЗНАМ. Немаме баш многу време за губење.

Напоменуваме да не ги прескокне сите спомнати ликови, туку да ги вметне и оние свои другари што недостигаат, за приказната „Куферче“ да биде поинтересна.

Пред да почне да пишува, го молиме да започне од продавницата „Louis Vuitton“ и да ни го опише целото патување до Изидрово.

Останавме уште должни да му кажеме само едно – многу е грдо да се измислува тема за советници. Ние советници не сме менувале – наши советници отсекогаш биле граѓаните на Македонија.

Всушност, наскоро ќе види.

Само да се знае: овој пат одиме до крај, додека правдата не победи! Нема бегање. Нема да застанеме, Геро! Пренеси им го и на твоите.

Го чекаме вашиот одговор!

P.S. Ако не е премногу лично, едно прашање: дали отворивте сметка во Алта банка? Некои ваши отидоа и подалеку од тоа. Ви благодариме однапред за одговорот!