Соопштение за јавност
-Имаме сила, капацитет, кадар, Програма, храброст да ја исполниме зацртаната цел, да ја вратиме Македонија на граѓаните на Република Македонија – порача потпретседателката на СДСМ и министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, на трибината во Прилеп.
Таму Ременски, со претседателите на комисиите за животна средина и за информатичко општество, Пеце Мирчески и Цветанка Иванова, претседателот на Надзорниот одбор, Мики Вуиќ, пратениците Горан Сугарески и Хари Локвенец и претседателот на ОО на СДСМ разговараа со граѓаните за мерките од Програмата на СДСМ што имаат за цел обнова на разрушените темели на Македонија, задржување на младите во државата, добар живот за граѓаните, спокојна старост за пензионерите.
-Ќе го вратиме двојното усогласување на пензиите со трошоците на живот во една фискална година. Со усогласувањето во март и во јули пензиите во Р.Македонија ќе се покачат помеѓу 800 и 1.100 денари, соопшти Ременски.
Пред прилепчани, кои во голем дел се занимаваат со земјоделство, претседателот на Комисијата за животна средина зборуваше за мерките што ќе ги вратат и земјата и достоинството на земјоделците.
-Субвенциите ќе ги зголемиме на 160 милиони евра годишно. Ќе бидат редовни, ќе ги добиваат тогаш кога им се потребни на земјоделците, нема како што ги злоупотребува оваа власт, предизборно. За тутунарите кои произведуваат тутун од прва класа ќе воведеме дополнителна субвенција, рече Мирчески.
Претседателката на Комисијата за информатичко општество и администрација најави процедури во институциите што ќе им олеснат на граѓаните.
-Граѓаните лесно ќе си ги остваруваат своите права, со поднесување барање на еден шалтер. Институцијата е таа што по службен пат и по електронски пат ќе треба да ги прибави сите документи за остварување на правото на граѓанинот, рече Иванова.
Претседателот на Надзорниот одбор, Вуиќ порача дека е почнат процесот на враќање на одземената и киднапирана слобода на граѓаните. Дојде време за конечно расчистување со криминалот, со недомаќинската и расипнична власт, констатираше Локвенец.
Сугарески го потенцираше ставот на ставот на СДСМ дека претстојните избори во Македонија мора да се спроведат со прочистен Избирачки список и регулација на медиумите.
На трибината, граѓаните се интересираа за повеќе проблеми што им го отежнуваат и онака тешкиот живот. “Како може да ни се одзема социјалната помош ако ни помогнал некој близок да го закрпиме месецот“ реагираше граѓанин кој има ваква мака.
-Кога го слушате Груевски и кога ви кажува дека бројот на корисници на социјална помош од година во година се намалува, ви тврдам дека лаже. Брзиот трансфер на пари по основ на којшто укинувале социјална помош констатиравме дека е незаконски и го укинавме, одлучивме позитивно по 1.400 жалби на граѓани кои ја изгубиле социјалната помош, а за 800-тини граѓани со ваков проблем бараме начин како да им помогнеме, соопшти Ременски.
Таа ги повика граѓаните:
-Да го вратиме големото С на солидарноста, слободата и социјалната држава како уставна категорија.
Трибината во Прилеп помина во позитивна атмосфера, со овации и поддршка за мерките предвидени во Програмата на СДСМ.