Филипче: СДСМ нема да биде контролирана опозиција

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

На 31. Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, претседателот Венко Филипче испрати јасна и недвосмислена порака дека СДСМ нема да дозволи да биде поделена, замолчена или претворена во контролирана опозиција, нагласувајќи ја историската улога и одговорноста на партијата во клучни моменти за државата.

„СДСМ, другари и другарки, е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава. Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзивното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштел мрак, кога и да завладеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016-та, и ви ветувам – така ќе биде и сега!“ рече Филипче.

Во обраќањето, Филипче остро предупреди на обидите за создавање контролирана опозиција и за разбивање на СДСМ преку нови движења и „тројански коњи“.

„Првиот напад се случи во 2021 година. Се формираше движењето ЗНАМ, гласачите се збунија. Поверуваа во пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега планот е повторно ист. ВМРО сака контролирана опозиција во Македонија, опозицијата да се подели и да се раситни за да може секој еден сегмент само тие да го контролираат. Целосни и потполни послушници, подизведувачи на власта. Со ЗНАМ успеаја, сега јасно и гласно кажувам – нема планот да ви успее. СДСМ од ова излегува посилен, подобар и покомпактен. Порачувам од овој конгрес: нема да нè скршите, нема да нè замолчите, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија никогаш не била и нема да биде контролирана опозиција.“ додаде тој.

Филипче испрати и јасна порака за внатрешното единство и одлучноста на партијата.

„СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде ‘Тројански коњ’ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето.