Соопштение за јавност
Задолжувањето што го прави владата на ВМРО-ДПМНЕ не е грешка, тоа е финансиско злосторство врз иднината на нашите деца, нагласи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешниот 31- ви Конгрес на СДСМ.
„Да бидеме целосно искрени за тоа што ни го прават. Ова не е само неспособност. Кога не чистиш снег или ѓубре во Скопје, тоа е неспособност. Но, кога го креираш Буџетот за 2026 година со дупка од две милијарди евра и за тоа треба да стигне ново задолжување, тоа не е грешка, тоа е осмислен невооружен грабеж на оваа држава“, истакна Филипче.
Тој додаде дека ваквото задолжување е сериозно финансиско злосторство со долгорочни последици.
„Тоа е финансиско злосторство против иднината на децата. Тие пари не исчезнуваат во воздух. Тие пари се прелеваат во џебовите на нивната олигархија, додека граѓаните ќе ја плаќаат сметката преку инфлацијата која им го јаде лебот“, рече претседателот на СДСМ“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче нагласи дека животниот стандард на граѓаните е на дното, реалноста што ја живеат граѓаните е далеку од сликата што ја пласира Владата.
„Дали некој се чувствува како да живее во четвртата економија во Европа, денес јавно прашувам. Одговорот сите многу добро го знаете. Што ни донесоа за овие речиси две години власт? Ни донесоа брутално отрезнување. Тие ветија гордост, а ни донесоа до питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери. Донесоа тендери за своите блиски луѓе, донесоа грабеж на европски пари од кои сите ние се срамиме“, рече Филипче.



