Соопштение за јавност
Кога има барање од рaботниците и кога има високи стапки на инфлација, треба да се доносе политичка одлука за зголемување на минималната плата за да им се обезбеди достоинствен живот, порача потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Јована Тренчевска во интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Тренчевска потенцираше дека ваквата интервенција, односно зголемувањето на минималната плата на 600 евра, за што СДСМ во Собранието поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, не значи напуштање на воспоставениот модел, туку одговор на реалните економски услови и барања на работниците.
„Ова носење на една политичка одлука не значи напуштање на методологијата, туку интервенција на владата да се подобри животниот стандард на граѓаните. Ние годината ја завршивме со 4% инфлација, но во реалноста во маркетите цените растат многу повеќе од она што е реален процент на инфлацијата. Во ваков момент владата не смее да бега од тој дијалог помеѓу работниците и работодавачите да ги остави тие сами да се договорат. А знаеме дека никогаш нема да има договор помеѓу работникот и работодавачот во однос на зголемувањето на минималната плата“, рече Тренчевска.
Во интервјуто, Тренчевска појасни дека сегашната минимална плата не обезбедува достоинствен живот за работниците.
„Синдикалната потрошувачка кошничка во декември 2025 година изнесува 66.413 денари, односно 2,8 минимални плати се потребни на едно семејство за да може основните свои егзистенцијални потреби да ги задоволи. Со минимална плата од 24.379, значи имаме час на работникот кој е вреден 138 денари, односно 2,2 евра. Работникот кој што работи за минимална плата толку е платен. Дневно дневница од осум часа изнесува 1.100 денари. Дали 1.100 денари се доволни за да може да има достоинствен, пристоен, хуман, човечки живот на едно семојство коешто живее со една или две минимални плата. Не. “, рече Тренчевска.
На прашањето, дали зголемувањето на минималната плата ќе биде притисок врз компаниите и причина да отпуштање на вработени и затворање на фирми, Тренчевска нагласи дека вакви реакции од работодавачите имало и во минатото, но се решавале со поддршка на компаниите од страна на државата во однос на придонесите.
„Вакви реакции од страна на работодавачите имаше и во времето и ние кога ја зголемувавме минималната плата и особено во 2022 кога ја зголемивме на 18.000 денари. Ниту една фирма не затвори, ниту една фирма не го изгуби дел од својот профит. Нека ги донесат измените на Законот за минимална плата во кои што ќе ќе се понуди финансиска поддршка особено на малите и средните претпријатија за финансиска поддршка во делот на разликата на придонесите од сегашната минимална плата до она на минимална плата којашто ќе биде прифатена од согласно законот којшто ние го поднесовме“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска потсети дека во периодот на СДСМ, уште кога дојде на власт ја зголеми минималната плата, и во најголемите кризи не се прекина растот на платите.
„Имаме легитимно право како Социјалдемократски сојуз да бараме да минималната плата се зголемува и да го поддржиме работникот во своите барања. Впрочем и една од вредностите, идеолошките вредности на социјалдемократскиот сојуз е токму поддршката на работниците, синдикатот, односно работничките права“, порача Тренчевска.



