Нема да молчиме, доста е од жртви и трагедии – оставка од Тошковски веднаш!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Уште колку животи треба да згаснат за да има одговорност?

Уште колку трагедии треба да се случат за Панче Тошковски да поднесе оставка?

Јавноста е во тага, во шок, но и во огромен бес.

Последната трагедија во скопската населба Карпош, во која згаснаа животите на мајка и малолетна ќерка, ја потресе целата држава. МВР предводено од Панче Тошковски не успеа да ги заштити.

Две години имало пријави за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана. Дури 12 пријави биле поднесени.

Во Велес, сериски насилник одзеде два животи – на младата Росица и на нејзиниот татко. И таму МВР потфрли. Веќе шест месеци се води предистрага дали 11 полицајци постапиле соодветно.

Во кумановско Старо Нагоричане, сериски убиец одзеде пет женски животи. Жителите со години предупредувале и пријавувале, но МВР ги игнорирала сигналите за опасност.

Во трагедијата во Кочани згаснаа 64 човечки животи. Наместо одговорност, Тошковски ги штитеше своите началници.

Сите овие трагедии имаат заедничка точка – систем што потфрла и МВР на Тошковски што не реагираат навреме.

Наместо одговорност, Панче Тошковски прави сè за да ја тргне вината од себе. Организира собири со празни ветувања дека институциите ќе штителе 24/7, додека токму тој ја води институцијата која треба да штити.

Сè е пропаганда. Никаде нема одговорност.

Но пропагандата нема да ги врати изгубените човечки животи.

Денот на жената е ден кога жените го креваат својот глас против насилството, несоодветното постапување на институциите и неправдата.

Нема да молчиме. Доста е од жртви и трагедии.

Одговорност мора да има.

Оставка од Панче Тошковски – веднаш!