Соопштение за јавност
Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска и претседателката на Комисијата за земјоделство, Татјана Прентовиќ, денеска беа помеѓу граѓаните на Василево.
Жителите се пожалија на тешкото секојдневие и проблемите со кои се соочуваат. Граѓаните имаат проблеми да ги оставарат дури и своите законски права.
Милиони потрошија на споменици, милиони завршија во нивните џебови, милиони изнесоа надвор од државата. Еве ние имаме неисплатени субвенции од 2013 година, цената на откупот од година на година е се пониска, едвај крај со крај врзуваме. Државата е некому мајка, а некому маќеа, разочарано коментираа земјоделците од овој крај.
Ако продолжи ваквата ситуација, само баби и дедовци ќе останат да живеат по селата, нивите ќе останат празни, ќе нема кој да работи на нив. Младите се разочарани од државата и се почесто си заминуваат.
-СДСМ во програмата предидува државна поддршка за малите и средни претпријатија во износ од 20 милиони евра годишно,бизнис инкубатори како и субвенции за самовработување и отпочнување на сопствени бизниси. Ќе го поттикнеме бизнис секторот за вработување на млади луѓе и ќе ги вратиме младите дома, рече Царовска.
-Ќе се бориме секој граѓанин, секој млад човек да остане овде и овде да се бори за својата иднина, овде да создава семејство, додаде Царовска.
-Во делот на земјоделието Програмата на СДСМ има повеќе мерки коишто ќе им помогнат на земјоделците и ќе им го вратат достоинството. Субвенциите ќе ги зголемиме на 160 милиони евра годишно, ќе ја воведеме зелената нафта и ќе обезбедиме бенефициран стаж за оние на кои земјоделието им е основна дејност, рече Прентовиќ.
Зборувајќи за актуелните случувања во Македонија Царовска рече дека партиски диригираните одлуки на Устаниот суд се срам за земјава и сериозна закана за правдата во нашата држава.
-Петте партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ во Уставниот суд, ја признаа вината на Никола Груевски и врхушката на власт за изборните измами. Ама сакаат да порачаат дека нивната намера е да ги заштитат оние што сториле изборен криминал. Тоа не поминува. Бегање од одговорноста нема да има. Секој што го прекршил законот треба да одговара, рече Царовска.
Промените доаѓаат на слободни, фер и демократски избори. Избори со прочистен список и реформи за слободни медиуми. На такви избори СДСМ ќе ја преземе одговорноста што ќе и ја дадат граѓаните, рече Царовска.