Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со медиумите алармираше за сериозното влошување на економската состојба, во време на постојани поскапувања на цените предизвикани од непостапувањето на Владата.
„Гледаме и сведоци сме како цените на храната растат секој ден. Нема никаква интервенција ниту мерка од владата, сѐ е поскапено. Луѓето реагираат секојдневно“, истакна Филипче.
Тој посочи дека основните производи достигнуваат рекордни цени.
„Зејтинот е поскапен до 118 денари, кафето од 120 до 140 денари, мелено месо од 730 до 830 денари, пилешко месо над 400 денари, една кутија од 10 јајца над 110 денари. За само три месеци новиот раст на цените е за 2.500 денари. Вредноста на минималната синдикална кошничка изнесува 68.000 денари.“ рече Филипче.
Филипче предупреди дека кризата е резултат на институционален неуспех: „Владата закасни, не почна навреме, ланецот на поскапување започна. Спиралата започна, сѐ се вивна како резултат на ненавременото реагирање на владата.“
Дополнително, тој посочи на сериозни негативни економски трендови во сите области.
„Загрижувачки дополнителни информации, пад на индустриското производство, јануари 2026 споредено со јануари 2025 година за 6,6%… пад на производството во повеќе сектори според Заводот за статистика. Драматичен пад на странските инвестиции. Во времето на владите на СДСМ изнесуваа 1,2 милијарди евра, сега се 460 милиони евра, скоро една третина. Фабрики се затвораат, работниците се отпуштаат и сѐ повеќе фабрики најавуваат заминување од земјата.“ рече Филипче.



