Филипче: Владата работи под влијание на Виктор Орбан и проруски интереси

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот брифинг укажа дека Владата на премиерот Мицкоски работи под влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан и проруските интереси. Според Филипче, учеството на владата на таканаречените стратешки состаноци во Унгарија ја потврдува подреденоста на македонската политика на интересите на унгарскиот премиер Орбан.

„Ова е намерен обид да се онеспособни остварувањето на стратешката цел за интеграција, додека истовремено се саботира и фундаменталниот интерес за евроатланска заедница за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Во контекст на ова го видовме премиерот и владина делегација изминатите денови на таканаречени стратешки состаноци од областа на политиката и економијата кај премиерот на Унгарија Виктор Орбан, премиерот којшто веќе јавно Европската унија го означува и го посочува како руски играч“, рече Филипче.

На брифингот Филипче истакна дека односот на унгарската влада со Русија и улогата на македонската влада во тоа е загрижувачки.

„Откако го слушнавме министерот за надворешни работи на Унгарија како отворено и во подредена улога зборува со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како договараат изигрување на санкциите на Европската Унија, зарем веќе некој повеќе има сомнеж каква улога има нашата влада и премиерот Христијан Мицкоски во остварувањето на тие проруски интереси тука во државата“, рече Филипче

Тој потсети дека практиките на унгарскиот премиер Орбан и се познати на Европа, а исти се практикуваат и кај нас, преку влијание врз медиумите и стратешките позиции во државата.

„Кога цела Европа кажува дека практиките на премиерот Орбан се узурпација на јавниот простор, преземање на медиуми, коруптивни пракси, нема никакво објаснување дека нашата влада не го прави тоа и тука. На тоа укажувавме од почетокот на мандатот во 2024 година, дека силно сме подредени на унгарската влада, ова е само доказ дека работите се навистина такви.“

Притоа, Филипче посочи дека влијанието на унгарскиот премиер Орбан во Македонија е очигледно и видливо преку проекти во инфраструктурата, финансиите, енергетиката.

„Нема друго објаснување зошто стратешките интереси, стратешките позиции во државата се дадени во рацете на луѓе блиски на Виктор Орбан, во делот на инфраструктурата, во делот на финансиите со една милијарда задолжување, пари кои што никој не знае каде се потрошени, дали воопшто се дадени, само на еден мал дел, на фирми блиски на ВМРО-ДПМНЕ за нецелосни и проекти, а под знак прашање дали воопшто се добри за сите граѓани.Понатаму унгарскиот телеком, фирма директно блиска до унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и некои стратешки позиции во однос на енергетиката“, рече Филипче.