Соопштение за јавност
Почитувани,
СДСМ дава целосна поддршка и поттик на жените во Македонија за нивното вклучување во науката и еднаков пристап за учество во науката.
Со оваа порака што ја реафирмираме денеска, СДСМ се приклучува кон одбележувањето на 11 февруари, што Генералното собрание на ОН го прогласи за Меѓународен ден на жените и девојките во науката.
Во Р.Македонија бројот на жени со научни титули е сеуште два пати помал од бројот на мажите.
Според податоци од Државниот завод за статистика, во текот на 2014 година, со научна титула доктор на науки се стекнале 206 мажи и 106 жени. МАНУ, од 42 члена од постојаниот состав, само 4 се жени.
Според Глобалниот извештај за нееднаква родова застапеност на Светскиот економски форум, Република Македонија во однос на образованието е рангирана на 80 место од 145 земји.
Овие бројки покажуваат дека жените и девојките не се целосно вклучени во науката.
Податокот, дека Македонија е на 13 место во светот по мизерија, меѓу другото покажува и неангажираност на домашниот човечки капитал.
Науката и родовата еднаквост се меѓу целите во Програмата на СДСМ.
Работиме:
• Да ги зголемиме квотите за учество на жените во политиката;
• На имплементирање родова перспектива во креирањето на политиките на сите нивоа;
• За формирање Секретаријат за родова рамноправност при Владата на РМ;
• На формирање државен фонд за научно истражување и развој;
• На воведување мерки за унапредување на научно истражувачката работа, пред се преку финансирање на национални научно-истражувачки проекти;
• На зголемување на процентот на средствата во Буџетот наменети за научни истражувања. Оваа ставка во Буџетот на Македонија за 2016 година е 0,06%, што е далеку под европскиот просек.
Денеска, 11 февруари 2016 година е првото одбележување на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката овој ден.
СДСМ им се заблагодарува на сите жени, кои досега макотрпно работеле и работат да бидат или се дел од научната заедница на Република Македонија.
Скопје, 11.02.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА