Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, во отсуство на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Tимчо Муцунски, упати прашање до заменик министерот на ова министерство, Зоран Димитровски, во кое јасно праша дали Владата ќе ги внесе Бугарите во Устав, што е услов без кој нема напредок кон ЕУ.
Во продолжение е интегралното прашање на Тренчевска:
„Се мислев дали да го упатам до премиерот или до заменикот министер, но вчера повтроно премиерот избегна да одговори на едно прашање: дали ќе ги внесете Бугарите во Уставот и наместо јасен став, граѓаните слушнаа навреди, манипулации. Прашањето од новинарите беше директно, што прави вашата влада за европскиот пат на државата?
Одговор – немаше. Наместо тоа, повторно ги обвинивте сите што мислат поинаку дека се „мекотелни“ и дека „коленичат“. Граѓаните многу добро знаат дека едно време токму Мицкоски клечеше и молеше за власт. И дополнително што од претходните одговори мислам дека денес на македонската јавност и беше доволно и доста од вас затоа што ставивте пет во една функција, премиер, наследник на јасновидката баба Ванѓа, психолог или психотерапевт, јавен обвинител и лекар кој што издава увернија за да може некој да се бави со опозицијата.
И затоа прашањето ќе барам да ми го одговори заменик министерот Димитровски. Пред изборите ветувавте враќање на името и поништување на Преспански договор.
Е тогаш, пред избори, кога баравте гласови, нас, политичките опоненти не нарекувавте „предавници“. Денес гледаме целосна спротивност на тие ветувања.
Две години сте Влада. Имате мнозинство. Името не го враќате. Преспанскиот Договор не го укинувате.
Министри со бугарски пасоши има во владата, министри, градоначалници, сите од ВМРО. Влада со резервна татковина.
Пратениците од власта поднесоа предлог закон, ама за нареден состав, кога побаравме да важи веднаш и за сите избрани функционери, а со тоа и за оваа Влада,премиерот ретерираше, требало да се консултираат уставни експерти.
Значи менувате изјави. А владата ја водат луѓе кои што имаат резервна татковина и е прашање дали воопшто работат за интересите на оваа држава или на Бугарија.
Во меѓувреме, државата стагнира, европскиот пат е блокиран, а наместо реформи – сведочиме на корупција и нефункционален систем.
Министерот Муцунски на Сител Телевизија ќе рече, цитирам „уставни измени само кога ќе се изгради доверба со Бугарија“.
Значи не велите не, не е предавство сега. Европските претставници, јасно кажуваат дека внесувањето на Бугарите во Уставот е услов без кој нема напредок кон ЕУ.
Затоа, моето прашање е јасно и недвосмислено, им должите одговори на граѓаните. Дали ќе се внесат Бугарите во Уставот – да или не?“, рече Тренчевска.


