Соопштение за јавност
Луѓето се невработени, младите заминуваат во странство. Луѓето од демирхисарскиот крај ги имаат истите проблеми како и граѓаните во најголемиот дел од Македонија.
Низ демирхисарско се оди по лоши патишта, што им задаваат секојдневни тешкотии на жителите.
Жителите овде се жалат дека тешко доаѓаат до здравствени услуги. Сиромашни се да се лекуваат по приватни болници. Бидејки живеат главно од земјоделство, од помош би биле редовни субвенции, но и тие се исплаќаат селективно, според блискоста до власта.
За овие проблеми вчера разговараа жителите од Демир Хисар, с. Единаковци, с. Суводол и с. Слепче со генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, коj беше придружуван од Диме Велковски, претседавач со Централниот одбор на СДСМ и членот на Извршниот одбор, Драган Тевдовски.
-Погрешните и уништувачки политики на ВМРО-ДПМНЕ со коишто се штитат бизнисите на фамилијата на власт се причината за сите овие проблеми. Наместо да се грижат за граѓаните, тие се грижат за своите интереси. Над 5 милијарди евра се изнесени од Македонија во последните 10 години. Со овие пари може да се подобри општественото живеење. Ова држава не е во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа парите ќе ги вратат. Иселувањето на младите излезе “најуспешна “ реформа на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе си ги вратиме луѓето во државата. Ставаме крај на расипничката власт, рече Спасовски.
Тој објасни дека СДСМ е меѓу граѓаните за да ја сподели визијата на којашто заедно работевме изминатиот период, како да си ги вратиме луѓето во државата, како да ги задржиме оние кои се тука и да обезбедиме пристоен живот за сите.
-Ќе обезбедиме максимална поддршка за домашните мали и средни претпријатија. Тие ќе отворат нови работни места со пристојни плати. Ќе ги пренасочиме парите кон граѓаните. Ќе создадеме квалитетно јавно здравство, јавно образование по успешни примери од земји од ЕУ. Земјата ќе ја вратиме кај вистинските земјоделци. Со тоа ќе обезбедиме услови граѓаните својата иднина да ја гледаат и планираат во Македонија, рече Тевдовски.
Она што остава впечаток е дека луѓето зборуваат за секојдневните проблеми, но знаат дека решението е во крај на политичката криза.
И сите даваат поддршка на СДСМ да истрае во процесот што го отвори, за фер избори, на кои Македонија ќе добие Влада избрана од народот, а не од непостоечки гласачи, Влада признаена од сите, со полн легитимитет.
-СДСМ цврсто стои на ставот дека следните избори во Македонија мора да бидат слободни, фер и регуларни. За тоа се потребни прочистен Избирачки список и медиумите што ќе имаат обврска да известуваат објективно, соопшти Спасовски.
Тој порача дека вратите на СДСМ се широко отворени и ги повика граѓаните да се приклучат во оваа битка, во која нема друга опција за Македонија, освен смена на ненародната власт и враќање на слободата, правдата, еднаквоста во земјата, процес што е почнат и назад нема.
Скопје, 31.01.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА