Соопштение за јавност
За жителите на гостиварското село Тумчевиште огромна пречка во извршувањето на секојдневните земјоделски активности претставува тесниот руиниран локален пат.
-Недозволиво е Ставрески секојдневно да ги задолжува граѓаните со по 3 милиони евра, луѓето да се мачат по вакви непроодни патишта. Со ваков износ од 3 милиони евра, проблемот што вие го имате се решава за еден ден, рече Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ и дополнителен заменик министер за финансии.
Наумов заедно со членовите на Извршниот одбор на СДСМ Едмонд Адеми и Аднан Џаферовски, вчера го помина денот во делови од гостиварскиот регион. Разговараа со жителите за секојдневните проблеми што ги тиштат, за лошата економска ситуација во која преживуваат граѓаните и државата, за политичката криза во Македонија.
Луѓето овде во гостиварско се жалат дека немаат добиено субвенции за цела измината 2015 година, поради што не можат ни да си ги прехранат семејствата, а не да размислуваат за планско производство.
Велат власта постојано измислува нови даноци и трошоци што треба да ги плаќаат, а субвенциите редовно доцнат.
“Зарем тие субвенции не се од даноците што ние ги плаќаме? Каде одат тогаш парите од секојдневните задолжувања ако не ни се исплаќаат навремено субвенциите?“ коментираат жителите низ лутина.
Наумов, во гостиварската населба Малеарди рече дека транспарентноста на трошењето на народните пари ќе биде основа на работењето на новата Влада на СДСМ за што има предвидено конкретни мерки во Програмата.
-Граѓаните мора да ја вратат контролата над власта и власта ќе биде таа што ќе се плаши од граѓаните, а не обратно, рече Наумов.
Луѓето се запознаени со задолжувањата што ги прави власта врз нивниот грб и загрижено бараа објаснување што значи за нив и за земјава објавениот историски највисокиот долг од над 4 милијарди евра.
-За да може Македонија да го затвори огромниот јавен долг од 4 милијарди и 224 милиони евра, потребни се финансиски средства од 22 месечни прихода што ги остварува државата. Тоа е фрапантна бројка којашто покажува дека речиси две години, 22 месеца, граѓаните треба да останат без денар, буквално не треба да стават корка леб во уста, за да може државата да се раздолжи. Најголем дел од платите и пензиите што ги добиваат граѓаните се од кредити, од нови задолжувања и тоа е еден затворен круг што ако вака продолжи ја води во пропаст државата. За ова да не се случи, за да си ја сочуваме државата, оваа власт мора да замине. Нема да дозволиме вакво сценарио. Ќе ги вратат сите пари што ги одзедоа, а СДСМ во Програмата има мерки како да ги врати парите кон граѓаните со што ќе ги стабилизираме егзистенциите на семејствата, а со тоа и економската состојба во земјата, порача Наумов во центарот на Гостивар.
Членовите на Извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми и Аднан Џаферовски посочија дека СДСМ ќе гради политика на толерантно општество во коешто нема да се делат луѓето на “наши“ и “ваши“. Македонија ќе биде држава во којашто културите ќе соработуваат и ќе се надополнуваат, тоа е богатство на Македонија, а не хендикеп, со што си игра оваа власт за политички потреби. Ја градиме Македонија едно општество за сите, порачаа претставниците на СДСМ при средбите со жителите во гостиварскиот регион.
Скопје, 31.01.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА