Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисијата 360 степени на МРТВ, рече дека внесувањето на малцинствата во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет и дека, тоа е уште дена лага на ВМРО, како што лажеа и за Преспанскиот договор.
„Луѓето поверуваа дека ставањето на Бугарите и на другите малцинства во Уставот ќе го загрози нашиот народ. Не само што нема да го загрози, туку ќе го зајакне нашиот идентитет. Конечно се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Тоа што е францускиот предлог и целокупниот пакет документи ја потврдуваат нашата идентитетска посебност. Кога ќе ги додадете и Бугарите во Уставот, правејќи јасна дистинкција меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство, а притоа веќе е потврден македонскиот јазик, тогаш дефинитивно се потврдува нашиот идентитет“, посочи Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека македонскиот јазик е веќе меѓународно потврден и дека државата не преговара за својот идентитет, туку за членство во Европската Унија.
„Ние не преговараме да влеземе во Бугарија, туку во Европската Унија. Со договорот Фронтекс, потпишан и од Бугарија, македонскиот јазик е признаен како чист македонски јазик, од сите“, рече Филипче.


