Соопштение за јавност
Владата на ВМРО душмански ја задолжи државата со над 2 милијарди евра, без никакво објаснување само трупаат нови милијарди долгови, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Слободен печат. Филипче посочи дека во Буџетот снемува пари, а власта зема нови скапи кредити без јасна стратегија и без логично објаснување за начинот на кој се спроведуваат задолжувањата, од кои граѓаните немаат бенефит.
„Душмански ја задолжуваат земјата, без никакво објаснување, ниту логични постапки во процесот на задолжување земаат милијарди, милиони нови пари. Годинава требало да се земат милијарда и триста милиони евра“ рече Филипче.
Тој додаде дека остануваат отворени прашањата зошто Владата не се задолжила по поповолни услови и каде завршуваат средствата од новите кредити.
„Министерката за финансии замислете рече дека на располагање преку издавање на еврообврзница биле нешто над две милијарди евра. Тоа е нејзина изјава, на министерката Кочоска. Се постава прашањето зошто не земаа милијарда и триста милиони евра, толку колку што мислат дека им треба и толку колку што им била стратегијата по поповолни услови, туку со поповолни услови земале милијарда евра, а триста милиони се бараат дополнително со непоповолни услови во однос на претходниот заем. Како тоа го објаснуваат овие луѓе? Зошто вака душмански ја задолжуваат земјава на следните генерации? “, рече Филипче.
Во интервјуто тој посочи дека јавниот долг се зголемува, за граѓаните тоа не значи бенефит, ниту за економијата на државата.
Вкупниот јавен долг е зголемен за за над две милијарди евра, од 8,5 милијарди на близу 11 милијарди евра е сега вкупниот долг на земјава. А никој не видел бенефит финансиски, ниту една категорија на граѓани, ниту една категорија на граѓани не видела бенефит од тоа зголемување на долгот. Па каде отишле тие пари?Тогаш кога ќе ги снема тие пари, тогаш ќе има избори“, рече Филипче.
Воедно, Филипче предупреди дека товарот од овие задолжувања ќе го плаќаат идните генерации, додека Владата не ги користи можностите за обезбедување неповратни европски средства.
„Знаете ли колку е сериозно тоа? Знаете ли колку е сериозен теретот кој што го ставија на следните генерации и генерации да враќаат милијарди евра на нетранспарентен начин, земени? А не ја сработуваат реформската агенда да добијат грант пари од Европа. На пример, на располагање, доколку се оствареше реформската агенда со соодветна динамика, ни беа близу 200 милиони евра на располагање, а Владата сработи околу 65,7 милиони евра“, рече Филипче.
Тој додаде дека со подобра реализација на реформската агенда државата можеше да обезбеди значително повеќе европски средства и да го намали задолжувањето.
„Ќе се намалеше кредитот што го земаа, тоа е убавината на Европа. Ќе ни дојдат неповратни средства што ќе ги инвестираме во системот и во државата. И тоа е второто прашање освен овие интереси за кои што одработува Христијан и владата. Зашто вака душмански ја задолжуваат земјата? Зошто на овој начин, зошто не го отворат системот во којшто слободни, неповратни пари ќе ни бидат на сите на располагање?“, рече Филипче.



