Соопштение за јавност
После следните избори, кога ќе ја формираме новата влада, јас ќе го демонтирам системот за пропаганда на ВМРО-ОКГ како во Унгарија, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Слободен печат. Во тој контекст, Филипче најави дека ќе стави крај на медиумско-политичкиот систем кој функционира по модел сличен на оној во Унгарија.
„Јас после следните избори, кога ќе ја формираме новата влада, тој систем ќе го елиминираме. Тој систем ќе го демонтираме така како што сега новата влада го прави во Унгарија. Како што се укинуваат телевизиите, порталите, кои што беа под директна контрола на пријатели и луѓе на Виктор Орбан, со цел да шират и таму антиевропска кампања, со што на Унгарците им се блокираа европските средства, затоа што тие не ја поддржуваа Украина, не ги споделуваа европските вредности“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски и поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан ги поврзуваат исклучиво бизнис интереси.
„Виктор Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, беше против тоа да се укине системот за гласање со консензус во Европската Унија, нешто што нас ќе ни помогнеше. Каков пријател бил тој? Нема ништо друго освен бизнис интерес зад сето тоа. Така да, тој систем ќе биде демонтиран“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче рече дека нема да се дозволи злоупотреба на јавни пари за медиумска пропаганда и дезинформирање на граѓаните.
„Нема да има злоупотреба на народни пари од страна на еден медиум кој што шири пропаганда, за да ги дезинформира луѓето, за да шири лажна кампања, а тој систем да го уредуваат луѓе кои што служат на таа кампања, а се контролирани од странски служби од друга држава, само за да бидеме ние слепо црево на Балканот“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче потсети дека ВМРО на власт дојде со добро осмислена лажна кампања, креирана со поддршка од странски центри.
„ВМРО и Христијан Мицкоски на власт дојдоа со лажна кампања. Дојдоа со една многу добро смислена кампања, смислена не тука, туку во соседна земја, во Србија, контролирана од Унгарија, со механизми кои што му беа оставени на располагање на Христијан Мицкоски, а ги наследи од неговиот претходник Никола Груевски, и тој со таа лажна кампања, со таа слика која што ја створија кај луѓето, едноставно ги прелажаа во 2024 година“, рече Филипче.



