Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, проф д-р Венко Филипче, во своето обраќање на меѓународна конференција на која беше промовирана „Скопска иницијатива“, организирана од СДСМ и „Корчуланска висока политичка школа“, порача дека европската интеграција не претставува само политичка или стратешка цел, туку долгогодишен генерациски сон што денес има реална шанса да биде остварен.
„Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација. За некои од нас, процесот на европска интеграција започна пред повеќе од 25 години. Денес тој влегува во нова и одлучувачка фаза, со реална и отворена можност за членство во Европската Унија, по години обележани со стагнација и неисполнети ветувања“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека европската иднина е избор што граѓаните и државите од регионот го направиле одамна и кој денес повторно добива можност да биде реализиран.
„Генерацискиот избор што беше направен во секоја држава од нашиот регион денес повторно добива шанса да биде реализиран. И покрај пропуштените можности на двете страни – и во нашите држави и во Европската Унија, како и покрај грешките и погрешните проценки во изминатите децении, нашата генерација има единствена можност да го заврши овој процес“, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање предупреди дека европската интеграција се соочува со сериозни предизвици и отпор од антиевропски структури.
„Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција. Успешната интеграција значително би ги ограничила сивите зони во кои тие денес функционираат“, рече Филипче.
Филипче повика на заедничко дејствување и поддршка за продолжување на европскиот пат на државата.
„Немаме друга алтернатива освен да се поддржуваме меѓусебно и да работиме заедно, доколку сакаме нашите држави да останат на патот на прогресот, демократијата и социјалната правда“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линкови:



