Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава-твоја шанса“, се осврна на европската интеграција за Македонија посочувајќи дека тоа не претставува само политички процес, туку директен пат кон подобар живот за граѓаните и воспоставување на владеење на правото.
„Европа за граѓаните не значи апстрактен збор во дипломатски извештај. Европа значи поквалитетен и полесен живот. Значи помалку малтретирање и администрација при патувања, поквалитетно образование, сигурност во работата, подобро здравство, повисоки плати. Значи повеќе средства за инфраструктура, железница, енергетска трансформација, чист воздух и локален развој. Значи правила што не дозволуваат министер, директор или партиски шеф да биде над законот. Значи пофер пазар за македонските компании. Значи шанса младите да ја гледаат иднината тука, а не само во аеродромските терминали. Значи владеење на правото, подобри јавни услуги, поголема заштита на работничките и потрошувачките права и посилен отпор кон криминалните и коруптивни мрежи. Европските и прогресивните партнери деновиве јасно порачаа и уште нешто важно: реформите не се прават затоа што така бара Брисел, туку затоа што тие им го подобруваат животот на нашите граѓани и го прават општеството поправедно,“ потенцираше претседателот на СДСМ, проф д-р Филипче.













