Советничката од СДСМ, Кети Штерјова, на денешната седница на Град Скопје за советнички прашања, постави три прашања кои се однесуваат на огласот за вработување во Противпожарната бригада, финансиското работење на ЈП „Лајка“ и хаосот со паркирањето кај Градски ѕид на булеварот „Блаже Конески“.
Штерјова посочи дека до советничката група на СДСМ се стигнати документи кои покажуваат непотизам при вработувањата во Противпожарната бригада на огласот во април годинава, односно дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, си ги вработил кумот и братучедот.
„Според информациите кои стигнаа до нас, меѓу вработените по овој оглас се наоѓаат лица кои се во блиски роднински и кумски врски со вас, и тоа лицето Сашо Милошевски, претходно вработен во затворската полиција во КП Дом Идризово, за кое се тврди дека е ваш кум, како и Николчо Темелковски, претходно вработен на бензинска пумпа во Драчево, за кого се тврди дека е ваш братучед. Се однесувате како Град Скопје да е ваша сопственост и како сте тргнале ќе го претворите во партиски штаб. Ве молам да одговорите дали овие лица ги поминале сите предвидени тестирања, физички проверки и вежбовни активности согласно Правилникот за прием на пожарникари, или пак воопшто не се појавиле?“, рече Штерјова.
На седницата Штерјова побара детален финансиска извештај од директорот на ЈП „Лајка“ за организацијата на настанот „Лајкафест“, вклучително и трошоците, учесниците, критериумите за нивен избор и распределбата на собраните средства.
„Колку средства од буџетот на „Лајка“ се потрошени за организација на настанот „Лајкафест“, кои здруженија и компании учествувале на настанот, по кои критериуми биле избрани, колку средства биле собрани на штандовите и дали тие средства завршиле во ЈП „Лајка“ или кај приватни здруженија. Дополнително, дали лице вработено во ЈП „Лајка“, кое истовремено е претседател на здружение, имало свој штанд и прибирало средства во корист на сопственото здружение, и дали собраните пари ги донирало и во кој износ, затоа што има објава на Фејсбук за благодарност“, рече Штерјова, додавајќи дека граѓаните имаат право да знаат дали настанот бил организиран во јавен интерес и во корист на јавното претпријатие или бил искористен за промоција и финансиска корист на привилегирани здруженија и поврзани субјекти со народни пари.
Воедно, во обраќањето на седницата, Штерјова го пренесе барањето на стотина станари од Градски ѕид на булеварот „Блаже Конески“, кои со петиција бараат решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето пред нивната зграда. Таа упати прашање до директорот на Градски паркинг за решавање на проблемот.
„Станарите бараат да ги преземете сите потребни мерки и го пренесувам нивното барање за уште еден состанок со директорот, на кој што ќе бидете присутни и вие. Таму, буквално, има место само за станарите, капацитетот на овој паркинг не дозволува паркирање на други возила од причина што е мал, а има голем број на станари со возила“, рече Штерјова.



