Николова: Реконструкцијата е потврда за неуспехот на оваа Влада, која е најлоша досега

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на собраниската седница за разрешување и именување на членови на Владата рече дека најавената реконструкција, е обид за задоволување на партиски и коалициски интереси. Таа обвини дека Владата ги наградува неуспесите со нови функции и дека зад новите кадровски решенија стои лојалноста кон премиерот, а не резултатите и одговорноста пред граѓаните.

„Поминаа две години од мандатот на оваа Влада. Денес имаме предлог за нејзина реконструкција. Ако ги погледнете имињата и позициите, веднаш ќе ви стане јасно дека реконструкцијата не е затоа што премиерот сака подобар квалитет, туку за да задоволи партиски и коалициони интереси и да проба да оправда неколку неуспеси во својата Влада.

Денес станува сосема јасно дека во оваа Влада, ако не успеете на една функција, нема да си заминете дома, како што велеше премиерот. Тој ќе ве премести на нова функција. Дел од луѓето што денес добиваат нови позиции веќе беа дел од власта, беа министри, беа заменици-министри, беа на позиции со кои имаа можност да креираат политики. А ако станува збор за истите луѓе, тогаш треба да ги очекуваме истите политики, истите проблеми.

Ова е обид да се создаде впечаток дека нешто се прави, а всушност да не се промени ништо. Во оваа Влада критериум не се резултатите. Критериум е лојалноста кон премиерот, кон партијата и кон коалицијата.

Доказ за тоа е и досегашниот вицепремиер на Владата, Фетаи, за којшто јавноста слушна дека не одеше на работа, но земаше плата, и наместо премиерот да го прекори за тоа, тој му вети дека ќе го испрати како претставник на државата во Брисел. Тоа покажува дека знаењето, одговорноста пред граѓаните, присуството на работа и извршувањето на работните обврски не се важни.

Почитувана јавност, во оваа Влада останува министерката за финансии, која повеќе ќе биде запаметена по своите навредливи и дискриминаторски изјави кон пратениците отколку по тоа колку успешно ја води државната каса. Таа секојдневно зборува за финансиска стабилност, но таа стабилност министерката ја гради врз нови задолжувања. Апсурдно, но вистинито. Тоа е нашата реалност. Државата се задолжува со милијарди, буџетскиот дефицит расте, капиталните инвестиции доцнат, а граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата сѐ повеќе.

Во оваа Влада останува и министерката за образование и наука, најсилната потврда дека лојалноста кон премиерот е поважна од грижата за граѓаните и за квалитетното образование кое ја гради нашата иднина. Наместо соработниците да ги бара меѓу универзитетските професори, наставниците, учениците и оние кои секојдневно го носат образовниот процес, таа реши да ја турка својата и партиската агенда.

Во изминатите две години видовме концепции без подготовка, закони без консултација, реформи без анализа. Затоа сега имаме наставници кои не знаат дали утре ќе имаат работа, ученици кои не знаат дали нивното училиште ќе опстои, родители кои не знаат дали од 1 септември нивното дете ќе патува и десетици километри само затоа што таа решила дека училиштето е трошок.

Во високото образование гледаме нешто уште поопасно – централизација. Се зборува за автономија, а истовремено статутот бара согласност од Владата и Собранието. Правилниците зависат од мислењето на министерката. Националните тела имаат состав под влијание на Владата.

Исто така, тука видовме уште едно потклекнување со Законот за високото образование. Она што не можеа да ја убедат универзитетските професори, министерката ја убеди Меџити во само една средба. Затоа, коалицијата пред сѐ.

Одлуките кои ги носи министерката и оваа Влада во ресорот образование се непостојани бидејќи се лошо смислени и често се резултат на идеолошката матрица на оваа Влада. Па така имавме нов законски текст за средното образование, па тој се повлече бидејќи коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, не дава согласност за интонирање на македонската химна во одредени пригоди во училиштата. Така патриотите кои велеа „никогаш Север, само Македонија“ ја свиткаа кичмата и го повлекоа новиот текст.

Потоа го менуваа постојниот закон во повеќе наврати. Имаше предлог за нова концепција за гимназиско образование која беше претставена како сериозна и потребна реформа. Па, по силните негативни реакции во јавноста, особено од стручната фела, како и од опозицијата, таа се повлече и се преработи.

Бришеа со децении утврдена терминологија во законите за основно и средно образование, па потоа, по реакција на стручната фела, извештајот на Европската комисија, како и на опозицијата, истите силно ги бранеа во Стратегијата за образование.

Министерката како да не знае дека во образованието секоја погрешна одлука денес ќе ја плаќаат генерациите утре.

Останува и Тимчо Муцунски, човек што ја остави Општина Аеродром во огромни долгови и кој не реализираше ниту еден проект од својата програма. Затоа побрза спасот да го побара на министерската позиција во оваа Влада. Но и тука неговата некапацитетност дојде до израз. Тој е единствениот министер за надворешни работи кој не е во периметарот на меѓународните дипломатски кругови.

Во оваа Влада повеќе нема да биде Филков, но тука не завршуваат проблемите во овој сектор. Од него постојано слушавме за реформски закони, а што добивме? Ништо. Ниту еден учесник на јавната расправа не кажа ниту еден позитивен збор за реформите по мерка на Филков и Владата. Членови на работната група јавно се оградија од текстот што стигна и се усвои во Собранието. Луѓето што секој ден работат во судството предупредуваат дека донесените закони се неприменливи, дискриминаторски и опасни за независната судска власт, но владејачкото мнозинство не виде никаков проблем и ги изгласа. Тоа е најсилниот доказ дека судството е заробено од оваа власт.

Нов министер за социјална политика, демографија и млади станува човекот кој беше десна рака на Даниела Арсовска. Но, во септември 2022 година градоначалничката го разреши од функцијата генерален секретар на Град Скопје поради наводни обиди тој и Златко Перински, досегашниот министер за локална самоуправа, а иден директор на ФЗО, да влијаат врз тендерската постапка за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект вреден 136 милиони евра.

Тој, пак, тврдеше дека самиот се повлекол поради незадоволството од работата на градоначалничката, но како да му се верува на човек за кој знаеме колку му се важни функциите. Па не видел ништо спорно во тоа да е на две неспојливи позиции – генерален секретар на Град Скопје и избран советник во Општина Чаир – и притоа да прима двојни месечни надоместоци.

Почитувани, на половина од мандатот граѓаните веќе не ги интересираат ветувањата и оправдувањата на оваа власт. Нив ги интересираат резултатите. За жал, резултатите ги нема. Многу предизборни ветувања, а ништо од реализација. Исто е и со новите кадровски решенија.

Но, секако, и овие кадровски решенија добро ќе се вклопат во оваа Влада, која секојдневно покажува неспособност во секој сектор. За жал, имаме незадоволни работници, незадоволни земјоделци, незадоволни студенти, наставници, професори, незадоволни културни работници, мали маргинализирани групи без системска поддршка, незаштитени жени од насилство и, како последица на тоа, самоубиства, убиства, ексхумации на жртви за кои претходно никој не утврдил насилна смрт.

Имаме пораст на меѓуврсничкото насилство, улични пресметки. Имаме полиција која има време за креирање фотографии од наводно свои активности со вештачка интелигенција. Ама по 11 дена ја пишува кривичната пријава за хоророт што го доживеа малолетно дете кое беше седум пати избодено со нож.

Оваа власт зборува за иселувањето на младите како еден од најголемите проблеми, а родилките и новороденчињата се во услови кои се неприфатливи за кое било родилиште. На Детската клиника се спојуваат оддели поради немање персонал. Постојано доцни онколошката терапија. Нема средства за надоместоци за најранливите категории. Загрозен е пензискиот фонд.

И по сѐ можам да кажам дека и оваа реконструкција е потврда дека имаме Влада и премиер кои упорно се борат да го задржат приматот на најлоша власт досега.