Соопштение за јавност
Сашо Клековски денеска излезе со дел од анализите за водата во Гостивар и веднаш ги прати граѓаните кај други.
Што е направено по барање на ЦУК, АХВ и ЈП „Комуналец“, рекол, е нивна сопственост. Барајте ги резултатите од нив.
Министер за здравство што покажува врата. Тоа не е одговорност.
Тоа е „скретничар“, пренасочувач.
Тој веќе еднаш се пренасочи, скршна. Додека Гостивар пиеше отруена вода, додека се ширеше жолтицата и западнонилската треска, тој се пренасочи на одмор.
Наместо да биде тука, кај граѓаните, си ја префрли должноста на екскурзија.
Сега повторно менува правец. Не од одмор. Од одговорност.
Прво скршна од теренот. Сега скршна од документите.
По еден месец труење, илјадници заболени и кривична постапка, јавноста не бара туризам по институции.
Бара еден комплетен, потпишан извештај: која мостра, која лабораторија, кој датум, која бактерија, која вредност и кој гарантира дека водата е за пиење.
Не парче кај министерството, парче кај АХВ, парче кај комуналното, парче кај кризниот центар.
Клековски сам најави објава. Мицкоски рече дека треба извештајот да излезе.
Сега, под притисок, излегува дел и се префрла остатокот.
Ако транспарентноста е „тука“, зошто граѓанинот мора да шета од шалтер до шалтер за да дознае што пиел?
Ако одлуките биле водени исклучиво врз факти, фактите се објавуваат целосно. Не се делат според тоа која институција ги нарачала.
Водата за пиење е јавно здравје. Јавното здравје е надлежност на министерот. Не е приватна архива на комуналното претпријатие.
Министерот што ја води епидемијата не смее да каже „прашајте ги другите“.
Другите се дел од истиот систем што тој треба да го координира. Особено оној што за време на труењето и епидемиите не беше на терен, туку на одмор.
Прашањето стои. Дали Клековски е министер што одговара за здравјето на граѓаните, или пренасочувач кој прво скршна на екскурзија, а сега ја префрла вината на следната шина?
Објавете ги сите анализи. На едно место. Со потпис. Без упатства каде да се оди понатаму.


