Филипче: Од АСНОМ до 8 Септември постои една линија на државотворност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

„Пред 35 години граѓаните ја избраа независноста. Нашата задача денес е таа независност да има содржина“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечениот настан по повод 35 години независност на Македонија, во Македонската филхармонија, под слоганот „Македонија е сè што имаме“.

Во своето обраќање Филипче посочи дека 35 години по историскиот чин на независноста, Македонија мора да ја чува и надградува државноста создадена низ генерации, потсетувајќи дека патот од АСНОМ до 8 Септември, до членството во Обединетите нации и до НАТО е континуитет на македонската државност.

„Кога вечерва зборуваме за Киро Глигоров, зборуваме за човек чиј живот ја поврзува речиси целата современа македонска државна историја. За да се разбере 8 Септември 1991 година, треба да се памети 2 Август 1944 година, кога Македонија ја извојува својата најголема и единствена победа. На АСНОМ беше поставен институционалниот темел на современата македонска државност. Македонија стана федерална република во југословенската федерација, со свои институции Собрание, влада, училишта, универзитет, граници, со свој кодифициран литературен јазик и со историски потврдено право на сопствен политички и национален развој“, рече Филипче.

Филипче потсети дека Киро Глигоров беше дел од генерацијата државотворци која ја создаваше македонската државност, а потоа ја презеде историската одговорност да ја води земјата во најтешките години на распадот на Југославија и создавањето на независна држава.

„Киро Глигоров беше дел од таа генерација државотворци. Учествуваше во антифашистичката борба и беше секретар на Иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Потоа следуваа децении на значајни политички и економски функции во федеративна Југославија. Тој беше непосреден сведок и учесник во создавањето институции, во стопанските реформи, во успесите, во кризите и конечно во распадот на таа држава и прогласувањето на независноста“, потенцираше претседателот на СДСМ.

Филипче потсети и на фактот дека во личноста на Глигоров се споија две историски епохи – генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што требаше да ја изведе Македонија од федерацијата и да ја внесе во светот како самостојна држава.

„Затоа неговиот избор за прв претседател во 1991 година има една историска логика што денес треба да се гледа многу појасно отколку тогаш. Во една личност се споија две македонски епохи. Генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што требаше да ја изведе Македонија од федерацијата и да ја внесе во светот како самостојна држава“, рече Филипче.

Осврнувајќи се на мирното осамостојување, Филипче нагласи дека тоа е една од најголемите и најмалку спектакуларни победи во современата македонска историја и дека заслугата на Глигоров за зачувувањето на мирот мора да се вреднува како дел од државотворниот чин.

„Погледнете го Балканот од почетокот на деведесеттите. Се пукаше во Словенија, во Хрватска, во Босна, во Србија, во Црна Гора, на Косово. Се распаѓаше една држава со оружје, со етничко чистење, со колони бегалци и илјадници гробови. Во Македонија беше стационирана силна војска на ЈНА, имаше огромно количество вооружување, имаше нервоза, неизвесност, национализми и доволно неодговорни луѓе кои лесно можеа да ја запалат првата искра. Глигоров разговараше и преговараше со воениот врв. Македонија го помина тој најопасен дел од распадот без војна на својата територија“, рече Филипче.

Линк до видео: