Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата упати прашање до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, дали власта планира да им помогне на граѓаните со соодветни таргетирани мерки за заштита на животниот стандард, посочувајќи дека реалноста е далеку од сликата што Владата се обидува да ја прикаже.
Тренчевска посочи дека додека власта се фали со наводни економски успеси, граѓаните секојдневно се соочуваат со сè повисоки трошоци и сè потежок живот.
„Се изнаслушавме во изминатиот период изјави со имагинарни податоци, први во Европа, четврти во светот и така натаму, но реалноста на граѓаните е дека секој ден тонат во сиромаштија“, рече Тренчевска.
Тренчевска нагласи дека власта дека е целосно оддалечена од секојдневните проблеми на граѓаните и наместо конкретни мерки, се занимава со политички и партиски интереси.
„Завалени во удобните фотели и разговори со приватниот капитал, немате никакво чувство за граѓаните. Дали конечно ќе преземате мерки за да го заштитите животниот стандард на граѓаните и ќе покажете малку грижа за граѓаните?, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска побара од министерот Дурмиши да предложи конкретни мерки до Владата за намалување на трошоците за граѓаните, меѓу кои и намалување на ДДВ-то за дериватите, како и финансиска поддршка за најранливите категории.
„Дали ќе покажете малку грижа и ќе предложите на Владата како министер да го намалите ДДВ-то за дериватите? Дали ќе предложите конкретни мерки за финансиска поддршка на ранливите категории на граѓани.Дали еднаш ќе покажете дека сте навистина министер во Владата којшто се грижи за граѓаните, а не да бидете само потрчко или послушник на оваа Влада?“, рече Тренчевска.


