Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска побара од министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски да одговори кога ќе се имплементираат најавените мерки за справување со негативните демографски трендови.
Лукаревска потсети на ветувањата од Програмата на Владата за периодот 2024 – 2028 година, меѓу кои и Национален план за демографија и финансиска поддршка за родителите.
Таа посочи дека мерките за еднократна финансиска поддршка за првородено дете, како и за близнаци, третородено и секое наредно дете, сè уште не се преточени во законски решенија.
Лукаревска укажа и на најавите за намалување на листите на чекање за сместување на децата во градинките и даночно ослободување за отворање приватни детски градинки, посочувајќи дека демографската состојба станува сè поактуелна и алармантна, но сè уште нема конкретни чекори за реализација на најавените мерки.
Како конкретен пример за демографските предизвици, Лукаревска посочи и на намалениот број на првачиња, нагласувајќи дека според последните информации, бројот од првично евидентирани 4.900 првачиња се намалил на околу 1.500, при што дел од учениците дополнително биле запишани или не биле навреме внесени во Е-дневникот.
Во продолжение, интегрален текст од обраќањето на Лукаревска:
Министре Велковски,
„Владата се обврзува да го стави демографскиот развој во прв план како област од клучно значење на економскиот развој, стабилноста на државата и националната безбедност. Македонија се соочува со растечки проблем на депопулација кој е предизвикан од долготрајниот, негативен природен прираст, како и растечкиот број млади и образовани луѓе кои одлучуваат да ја напуштат Македонија. Кон ова институционално и програмски мора да се насочуваат модели од демографска обнова, стимулирање на останувањето во Македонија и вработувањето.“ Ова е пасус од Програмата на Владата на РСМ за период 2024 – 2028 година од областа на демографијата.
И немам дилема дека прашањето за состојбите во демографијата не смее да се сведува на дневна политика. Мора да се бараат решенија, да се носат мерки, да се прават стратегии и сето тоа да доведе до ефекти. Имавте ветување како партија за Национален демографски Институт во Вашата програма 1198, но за ова веројатно повеќе и поревносно треба да го слушаме залагањето на Националниот координатор за демографија во Владата, ама не сме го слушнале.
Во таа насока, во истата програма со која добивте огромна поддршка на Парламентарните Избори 2024 година, ветивте Национален План за демографија кој, меѓу другото, се темели на овие ветувања во насока на поддршка на родителите:
1. Еднократна финансиска поддршка од 250 евра за првородено дете (двојно зголемување во однос на моменталните 8.000 денари).
2. Еднократна финансиска поддршка од 500 евра за првородено дете (драстично зголемување во однос на моменталните 20.000 денари).
3. Еднократна финансиска поддршка од 750 евра за близнаци, третородено и секое наредно родено дете.
Сè уште овие мерки не го имаат видено светлото на денот. Не се преточени во законски решенија, а темата станува многу актуелна, алармантна, но сè уште без конкретни чекори.
И претходниот министер Лимани уште лани во една прилика најави дека во план е да се реализираат овие мерки заедно со уште две, односно: намалување на листата за чекање за сместување во детски градинки и даночно ослободување во висина од 30.000 евра за отворање на приватна детска градинка – „Отвораме процес за справување со негативните демографски трендови“.
Претходно слушавме за намален број на првачиња, завчера слушнавме од Вашата колешка од МОН дека пред еден месец и половина имаме 4.900 првачиња, а денес околу 1.500, дел од учениците не биле навреме внесени во Е-дневникот, додека други се запишале дополнително.
Кога ќе се имплементираат овие мерки е моето конкретно прашање?
Линк до видеото :


