Соопштение за јавност
Вечерва уште еднаш ја видовме моќта на медиумската машинерија по урнекот на Орбан и Вучиќ.
Истовремени настапи, координирани објави на портали и внимателно осмислена промоција на мала група политички платформисти ЗНАМ 2.0, кои имаат задача да послужат како нов инструмент во политичките пресметки на Христијан Мицкоски.
Јавноста има право да праша кому му служат овие настапи, кој ги координира и чии интереси ги застапуваат.
Особено кога во јавноста се отвораат прашања за влијанија и финансиски интереси поврзани со Орце Камчев и Христијан Мицкоски.
Најголемиот политички парадокс е што истите тие луѓе денес седат на иста маса со Левица, партија чии политички ставови и дејствувања се во сериозна спротивност со традиционалните вредности и евроатлантската ориентација на СДСМ.
Станува збор за политичка структура која јавно се спротивставува на НАТО и застапува позиции блиски до руската надворешнополитичка агенда.
А денес, оние кои до вчера ја претставуваа СДСМ, без никаква политичка доследност, се здружуваат со нив во заеднички политички фронт во корист на Мицкоски.
Дополнително, симптоматично е што настапите на оваа група започнуваат со величење на рејтингот на ВМРО-ОКГ и на Мицкоски.
Нивната главна политичка порака е промоција на политичките противници на СДСМ.
Дури и Мицкоски избегнува јавно да се повикува на истражувањата на кои тие се повикуваат, што отвора дополнителни прашања за кредибилитетот и целта на ваквата медиумска кампања.
Вечерва, сепак, се случи нешто значајно за СДСМ. Оваа група сама се разоткри.
Со своите настапи, политички партнерства и пораки, јасно покажаа каква политичка улога избраа да играат.
Не се потребни дополнителни објаснувања кога постапките зборуваат погласно од зборовите.
СДСМ е државотворна партија со историска одговорност, со јасна евроатлантска ориентација и со вредности кои не се менуваат зависно од дневнополитичките договори и личните интереси. Нашата партија ги поминала и ќе ги поминува сите предизвици, но нејзината сила секогаш произлегувала од членовите, од искрените социјалдемократи и од граѓаните кои веруваат во демократска, европска и просперитетна Македонија.
Затоа, ова не е момент за разочарување, туку за расчистување на политичките дилеми и зацврстување на редовите.
По примерот на она што се случи со првата верзија на ЗНАМ, СДСМ јасно направи разлика меѓу оние кои се борат за партиските вредности и оние кои ја користат партијата како средство за лични амбиции, а потоа ја напуштаат кога ќе се појави можност за нов политички договор.
СДСМ не е партија за еднократна употреба, ниту политичка платформа за лични калкулации. СДСМ е партија на членството, на принципите и на државотворната одговорност.
Оние кои одлучиле да ги заменат партиските вредности со лични интереси, кои ја предале довербата на своите сопартијци и гласачи и кои денес се ставиле во служба на политичките цели на Мицкоски, самите ја избрале својата политичка позиција.
Никој не може да ја приватизира СДСМ. Никој не може да ја продаде нејзината идеја. И никој не може да ја замолчи партијата која секогаш била на страната на државата и граѓаните.
