Битиќи: Долгот ќе надмине 11 милијарди евра до крајот на годината!

Facebook
Twitter
LinkedIn

За две и пол години јавниот долг се зголеми за 2,5 милијарди евра, изјави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, во „24 Анализа“ на ТВ 24, притоа предупредувајќи дека со дополнителните 480 милиони евра задолжувања долгот ќе надмине 11 милијарди евра до крајот на годината.

Битиќи ја нагласи потребата од објаснување на начинот на евидентирање на задолжувањето од 330 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта(ЈПДП) и дополнителните 150 милиони евра што ги најави министерката за финансии Гордана Димириеска-Кочоска.

„Тоа се дополнителни 480 милиони и ако се додадат на 10,7 милијарди, веќе ја надминуваме 11 милијарди евра“, рече Битиќи.

Тој го оцени вториот ребаланс на Буџетот како последица на лошо планирање и несоодветно управување со јавните финансии, притоа наведе дека реализацијата на приходите изнесува 73,4%, а на расходите 76,6%, додека капиталните инвестиции се намалуваат за 5,8 милијарди денари.

„Факт е дека капиталните инвестиции се намалија за 5,8 милијарди. Но другиот податок, којшто никој не го зборува, а за којшто сериозно ќе бараме одговори на комисиската расправа, е како е возможно на 19 октомври да имате реализација од 55,4%, во однос на сегашниот Буџет којшто сѐ уште тој е на сила“, истакна Битиќи.

Според него, намалувањето на планираните средства не може да се претставува како подобрување на реализацијата.

„Може да кратите 20 милијарди и ќе кажете дека имате 100% реализација. Ако тоа е целта, да ги намалите капиталните инвестиции за да го зголемите процентот на реализација, тогаш, скратите ги скроз и ќе има 100% реализација на инвестиции“, рече Битиќи.

Во однос на поддршката за домашното стопанство, тој рече дека 210 компании се одбиени за склучување договори според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, затоа што имало негативно мислење од Министерството за финансии дека нема пари, притоа додаде дека се останати неподмирени обврски од 750 милиони денари кон 170 компании од 2024 година.