Лукаревска: Вториот ребаланс е потврда за погрешното планирање и погрешните економски политики на власта

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Пратеничката од СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на денешната комисиска расправа за ребалансот на буџетот, нагласи дека вториот ребаланс е потврда за погрешното планирање и погрешните економски политики на власта, не носи фискална консолидација, туку го задржува зголемениот дефицит, јавниот долг останува на високо ниво, а за граѓаните нема мерки.

Во продолжение е интегралното обраќање на Лукаревска:

Пред неколку месеци токму од оваа говорница , на оваа Комисија за првиот Ребаланс на Буџетот за 2026 предочив дека, тогашниот Ребаланс е одраз на погрешно планирање. И тогаш и денес логично се поставува истото прашање – „ Кој дел од првичниот Буџет беше погрешно планиран: приходите, расходите, дефицитот или сите три заедно? “

Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, се задржува проекцијата за реален економски раст од 3,5%. Иако Светска банка ја коригираше својата прогноза за економскиот раст на Македонија за 2026 година од 3% на 3,2%, проекцијата на Министерството за финансии и натаму е повисока. Ова е важно имајќи превдид фактот дека правиме втор ребаланс на Буџет, кој повторно и повторно го темелиме на нереални претпоставки. Повторно се планира преку пооптимистички претпоставки што на крајот на годината може да значи повторно нереализирање на она што е првично планирано, како што укажав и при привичното планирање на Буџетот, како и при првиот ребаланс дека премногу се темелиме на оптимизам.Би се задржала на 4 тези кои ја прават споредбата меѓу кажаното, видливото и реалното, па и нереалното од јулскиот и овој, октомвриски ребаланс .

1. Зголемениот дефицит беше оправдуван со инвестиции; дополнителните инвестиции се повлечени, дефицитот останува. На 23 јуни зголемувањето на дефицитот со повисоките капитални расходи се објасни со следниов цитат: „Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“.
Што покажува октомври: Во јули дефицитот беше зголемен за околу 7 милијарди денари, а капиталните расходи за 5,7 милијарди денари во однос на почетниот план. Во октомври капиталните расходи се намалуваат на 40,124 милијарди денари – речиси идентично со почетниот буџет од 40,122 милијарди. Дефицитот, сепак, останува 46,264 милијарди денари, односно околу 7 милијарди над почетниот план.
Развојното образложение за зголемениот дефицит од јули не ја опишува октомвриската расходна структура. Oд каде произлегува економската оправданост за непроменетото проширување на дефицитот?
2.Јулското предупредување за растот на тековната потрошувачка се гледа во октомвриските бројки. Во расправата во јули, укажав дека зголемувањето на дефицитот не може да се објаснува само со инвестиции, бидејќи истовремено растат субвенциите, социјалните трансфери и платите. Владините претставници, пак, го истакнуваа развојниот карактер на ребалансот.
Што покажува октомври: Тековните расходи се зголемуваат за дополнителни 1,012 милијарди денари во однос на јули, а за 6,275 милијарди денари во однос на почетниот буџет. Само социјалните трансфери во октомври се зголемени за плус 3,6 милијарди денари во однос на јули: пензиите за 1,3 милијарди денари; социјални надоместоци за плус 1,4 милијарди денари; здравствена заштита за 887 милиони денари.
Ова се обврски што мора да бидат исплaтени, но дополнителното дообезбедување средства само три месеци по претходниот ребаланс пак ја враќа дилемата колку биле реални јулските проекции. Зошто овие потреби не биле целосно предвидени во јули и кој дел од нив ќе се повторува во Буџетот за 2027 година?
3.Јунските најави за капитални проекти наспроти октомвриските кратења, укажуваат на проблем со проектната подготвеност и планирањето
Летото слушнавме најава за значителни капитални средства во секторите животна средина, транспорт и образование. Тогаш се аргументираше дека зголемените средства се наменети за конкретни проекти, а МФ ги поврзуваше со забрзување на инвестицискиот циклус.
Што покажува октомври: Средствата на Министерството за животна средина се намалуваат за 2,017 милијарди денари (од нив 1,430 милијарди од заеми); кај Министерството за енергетика за 1,893 милијарди. Потпрограмата „Гасификација“ се намалува од 1,897 милијарди на 12,02 милиони денари, а годишните средства за IFMIS се намалуваат за дури 90,6%. Кај заемските компоненти за училишни спортски сали и рехабилитација на студентските домови заедничкото намалување е 350 милиони денари.
Наглото преформулирање на расходните приоритети во рок од три месеци бара објаснување: кои проекти биле зрели за реализација во јули, што точно се променило до октомври и кои обврски ќе се пренесат во 2027 година? Дел од ставките, особено гасификацијата, се буџетирани како трансфери и затоа не претставуваат автоматски капитални расходи во економската класификација.
4. Во јули приходите беа „според очекувањата“; во октомври се намалени и приходите и расходните цели, сепак дефицитот останува висок
Во јули беше соопштено дека приходната страна се реализира согласно очекувањата и дека ребалансот не произлегува од недостиг на приходи. Со јулскиот ребаланс приходната проекција беше зголемена од 374,9 на 379,5 милијарди денари.
Што покажува октомври: Приходите се ревидираат надолу за 5,3 милијарди денари во однос на јули, на околу 374 милијарди – 747 милиони помалку дури и од почетниот план. Најголем дел од намалувањето се однесува на акцизите 3,8 милијарди денари, делумно поради мерките за горивата. До 31 август е реализиран дефицит од 38,175 милијарди денари, односно 82,5% од годишниот лимит; за септември–декември преостануваат 8 милијарди.
Намалувањето на акцизите имаше познат фискален ефект уште во јули, но октомвриската корекција покажува дека повисоката јулска приходна цел не се задржала. На која ажурирана месечна проекција се заснова очекувањето дека годишниот дефицит ќе остане 4,1% од БДП? Самите осуммесечни податоци бараат убедлива прогноза за последните месеци. Притоа исто така да не заборавиме дека сме една од земјите со најголемо поскапување на горивата од почетокот на кризата во регионот на Западен Балкан, горивата се зголемени за некаде 35- 40% од пред почеток на кризата, земја каде граѓаните имајќи ги предвид нивните плати можат да купат најмала количина на горива .
Централното прашање , после овие четири издржани тези е -Ако во јули повисокиот дефицит беше оправдан со дополнителни развојни инвестиции и реалистични проекции, како треба да се објасни октомврискиот буџет во кој дополнителните инвестиции се повлечени, тековните расходи се повисоки, приходите се ревидирани надолу, а дефицитот останува непроменет?

Очигледно е дека вториот ребаланс не носи фискална консолидација, туку го задржува зголемениот дефицит – Фискалната консолидација подразбира постепено намалување на фискалната нерамнотежа, контрола на структурните расходни притисоци и создавање простор за реакција на идни шокови. Намалувањето на приходите и расходите за идентичен износ е буџетско приспособување, но не и дополнителна консолидација. Државата и понатаму планира ист дефицит како по јулскиот ребаланс. При очекуван реален економски раст од 3,5% во 2026 година, ова бара јасно објаснување на стабилизирачката или развојната функција на расходите. А,ММФ во консултациите за 2026 година препорача фискална консолидација.
Промената на структурата на расходите е поважна од вкупното намалување на Буџетот – Задолжувањето за инфраструктура, дигитализација, образование или други инвестиции со мерлив долгорочен поврат може економски да биде оправдано. Задолжувањето во услови на трајно зголемени тековни обврски носи поинакви ризици, бидејќи тие се повторуваат и во наредните години. Не секој капитален расход е продуктивен, ниту секој тековен расход е непотребен, но композицијата на расходите е важна за меѓугенерациската правичност и можноста растот да го поддржи сервисирањето на јавниот долг.

Приходните проекции повторно се ревидираат, но останува потреба од забрзување на наплатата. До август се реализирани 230,589 милијарди денари приходи, или 61,6% од новиот годишен план. За остатокот од годината се потребни просечно 35,9 милијарди денари месечно, околу 25% над просекот јануари–август. А заклучно со 21 октомври, имаме реализација од 74,25%.
Привременото намалување на акцизите за горивата има реална фискална цена и може да биде оправдана антикризна мерка. За транспарентна оценка треба да се раздвојат директниот приходен ефект на мерките, промените во потрошувачката и отстапувањата во наплатата. Забрзувањето на месечната наплата не е невозможно, но уште еден податок кој не одиво прилог на кажаното, само 19,3% од планираните донации според јулскиот план.

Намалувањето на средствата за енергетика , животна средина, здравство бара објаснување за проектите.

Факти: Министерството за животна средина губи најмногу во дел на борбата со аерозагадување, и за ова зборував минатите дискусии. Значи не е приоритет чист воздух,што е парадоксално. Кај гасификацијата, уште едно потесетување, најголем дел од кратењето е во категорија 46 – Субвенции и трансфери, па не треба целата промена автоматски да се нарекува кратење на капитални расходи.Се намалува и во здравствената заштита за превенција, кај куративната здравствена заштита, кај Агенцијата за лекови и медицински средства, т.е. се крати кај задолжителната имунизација на населението, партиципацијата за осигурени лица, кај медицинската опрема на ЈЗУ , кај амбулантите во руралните подрачја. Или кај програмата за реконструкција и доградба на јавни здравствени установи се намалува од 460,251 на 259,581 милиони денари, а медицинската опрема од 150,100 на 129,122 милиони денари.

Намалувањето на бројките за проекти со мала веројатност за реализација во тековната година може да биде оправдано. Но тоа отвора прашања за квалитетот на планирањето, проектната зрелост, тендерските постапки и институционалните капацитети. Кај проектите финансирани од заеми, доцнењето може да носи дополнителни трошоци, но тоа мора да се потврди според договорите.

Одложувања кај училишната, студентската и здравствената инфраструктура.
Факти: Во развојниот дел на Буџетот средствата на Министерството за образование и наука се намалуваат од 2,146 на 1,763 милијарди денари. Кај заемската компонента за изградба на училишни спортски сали средствата се намалуваат од 184,5 на 34,5 милиони денари, а за енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови од 307,5 на 107,5 милиони денари. Вкупното намалување кај овие две заемски компоненти е 350 милиони денари. Очигледно дека на МОН, фокус ќе му биде реформата оптимизација

Веродостојноста на фискалните податоци бара дополнително внимание.
Користењето различни основи за споредба без јасно разграничување може да доведе до погрешно толкување. За секој ребаланс треба да бидат јасно претставени почетниот буџет, важечкиот план по претходниот ребаланс, остварувањето и новите апропријации. Треба да се фокусираме на реалистичноста на планирањето, оправданоста на расходната структура, исполнувањето на проектните резултати и среднорочната фискална одржливост, наместо на заклучоци дека секое кратење или задолжување е само по себе погрешно.

Според вториот ребаланс, покрај буџетскиот дефицит од 46,3 милијарди денари, во текот на 2026 година се предвидени и одливи од 76,6 милијарди денари за отплата на главнината на постојниот долг и за заем кон Развојната банка. Во анализата на првичниот Буџет беше укажано дека јавниот долг се движи близу до законскиот праг од 60% од БДП и дека планираниот дефицит и најавените задолжувања создаваат сериозен ризик тој праг да биде надминат. Првиот ребаланс дополнително го потврди ова предупредување, со проекции за јавен долг од 61,5% од БДП во 2026 година.
Според податоците наведени во вториот ребаланс, на 30 јуни 2026 година државниот долг изнесувал 9.432,7 милиони евра, односно 51,7% од БДП, додека јавниот долг достигнал 10.726 милиони евра, односно 58,8% од БДП.

Овие податоци покажуваат дека јавниот долг останува многу близу до прагот од 60% од БДП, што е доволна причина за зголемување на загриженоста, несомнено е дека за истото алармираше и Фискалниот Совет, како што алармираше и за немање на регулирани и системски фискални политики, непочитување на пропишаните фискални правила,преструктуирање на јавните расходи, фискалните мерки за за ублажување на притисоците од ценовните шокови, да се таргетирани и привремени, засилено надгледување на состојбите во социјалните фондови и перманентно зајакнување на фискалната и буџетската дисциплина кај сите буџетски корисници.

Нема предвидени средства за зголемување на минимална плата, затоа имаме и амандман, нема средства за подобрување на состојбата кај земјоделците и за тоа имаме амандман, се крати таму кај што е најпотребно, се кратат средства за софтверски решенија, значи ,,развојниот ребаланс,, од летото, стана мртво слово на хартија. Задолжувањето од странско се насочува кон домашно, што значи дека уште повеќе ќе се истисне кешот од банките и финансиските институции, наместо за инвестиции, кредитирање на граѓаните и фирмите, банките ќе бидат доведени во ситуација да ги позајмат парите на државата за плати и пензии. Со претходниот ребаланс во јули, буџетската дупка беше продлабочена за околу 100 милиони евра за да се овозможат повеќе пари за капитални инвестиции. Сега, дупката останува, но капиталните инвестиции се кратат.

Основното прашање не е само дали се обезбедени средства за исполнување на тековните обврски, туку дали расходната структура обезбедува соодветен баланс меѓу тековната потрошувачка, развојните инвестиции и фискалната одржливост. Државата влегува во последниот квартал од 2026 година со повисок дефицит од првично планираниот, со значително намален капитален буџет во однос на јули и со дополнителен раст на тековните расходи. За оценка на оправданоста на оваа промена потребни се проверливи податоци за причините за проектните одложувања, преземените обврски и среднорочните ефекти врз јавните финансии.

И бидејќи сме трета економија по економски раст, како е можно да имаме ваква репутација, а да немаме доволно финансии. За раст треба финансии, а од друга страна големиот раст носи финансии. Што е неточно во оваа равенка? Ништо не е точно, зашто ова не е равенка. И овој Ребаланс покажува дека градиме општество на работодавачи, а не градиме општество на работници, на трудбеници, каде трудот создава додадена вредност. Само така се оди напред , само така се излегува од заостанатоста и сиромаштијата. Затоа што трошоците за живот за македонските граѓаните од јануари до сега се зголемени за 4.000 денари. Во октомври синдикалната минимална кошничка е над 70.000 денари, ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Факт е дека платите не ги следат поскапувањата. Околу 180.000 работници земаат плати помали од 31.200 денари месечно, минималната плата не мрда од 26 илјади денари. Министерот во зимски сон, Министерот за економија и труд, Дурмиши замислете, на прашањето колку пари им остануваат на граѓаните по плаќањето на сите сметки, не дава конкретен одговор.

Држава и Влада која ќе продолжи да води ваква политика престанува да биде држава во одредени сегменти. И излегува дека овој ребаланс е против приоритетите на Владата, бидејќи нема ништо што соодејствува со ветувањата за поддршка на економскиот раст и унапредување на животниот стандард.

Линк до видео: