Пратеничката група на СДСМ и коалицијата бара итна надзорна расправа во Собранието за случајот со Алта банка АД Битола, за причините за воведувањето администрација, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност за состојбата во која се најдоа граѓаните и штедачите, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска во Собранието.
Таа потенцираше дека случајот со Алта банка отвора сериозни прашања за надзорот врз банкарскиот систем, заштитата на штедачите и одговорноста на надлежните институции. Граѓаните се соочуваат со неизвесност, не можат да располагаат со своите средства, а посебно загрижува состојбата на околу 11.000 пензионери чии пензии се администрираат преку оваа банка.
„Обврска е на сите нас, особено на нас членовите и замениците членови на Комисијата за финансирање и буџет, да побараме надзорна расправа за причините на воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност за измамата на граѓаните. Приоритет во оваа ситуација, при ваква состојба во банкарскиот систем, треба да биде надзорната улога на Собранието за спроведување на Уставот и законите. И ние во овој момент како членови на Комисијата за финансирање и буџет сме најповикани“, истакна Лукаревска.
Лукаревска посочи дека гувернерот Трајко Славевски деновиве ја уверувал јавноста дека сè е во ред, за потоа да соопшти дека во Алта банка се воведува администрација.
„Преку ова барање сакаме да добиеме одговори од најповиканиот, гувернерот Трајко Славевски, кој деновиве не убедуваше дека сè е во ред, но вчера на прес-конференција донесе привремена мерка, односно администрација во Алта банка за заштита на банката и на штедачите од промена на сопственоста“, рече Лукаревска.
Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што Алта банка АД Битола се најде на листата за набљудување на Македонската берза, што, како што посочи Лукаревска, дополнително ја зголемува вознемиреноста кај граѓаните.
„Оваа паника што се случува кај граѓаните резултира со делумно и забрзано повлекување на паричните средства и зголемен притисок врз експозитурите, загрозувајќи ја тековната оперативна стабилност на домашната банка. Граѓаните се исплашени од можниот негативен исход кон нивните штедни влогови, оправдано побрзаа масовно да си ги повлечат своите заштеди и да ги затворат или префрлат сметките од Алта банка Битола“, истакна Лукаревска.
Таа предупреди дека не сите граѓани успеале навреме да ги повлечат своите средства, со што дополнително се зголемиле неизвесноста и недовербата.
Особено загрижувачка е положбата на пензионерите, кои секојдневно зависат од средствата на своите сметки.
„Голем дел од нив се пензионери кои своите сметки ги имаа во оваа банка, која, патем кажано, водеше и навистина агресивна кампања за што повеќе граѓани, токму пензионери, да ги префрлат своите сметки од други банки.“, рече Лукаревска.
Лукаревска побара гувернерот Славевски да дојде во Собранието и да одговори на сите прашања, наместо да комуницира преку социјалните мрежи.
„Негова обврска е да присуствува овде во Собранието пред оваа комисија, пред сите пратеници да даде одговори на многу прашања наместо да се занимава со објавување на постови на платформата Икс и да враќа на секој оној којшто сака да добие соодветни одговори. Вчера тој најави дека ќе можат граѓаните коишто таму имаат свои пари да излекуваат околу 150 евра неделно. Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките на банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?“, праша Лукаревска.
Таа побара одговор и како граѓаните ќе ги подмируваат кредитните обврски кога не можат да располагаат со сопствените средства, какви трансакции се вршат во банката и како ќе се реализира исплатата на пензиите на околу 11.000 пензионери.
Лукаревска потсети и на информацијата на гувернерот дека до 31 октомври од банката биле повлечени околу два милиони евра, како и дека постојат неофицијални информации за заинтересирани купувачи на акциите на банката.
„СДСМ бара целосно расчистување на случајот, одговори од гувернерот и одговорност од сите надлежни институции. Граѓаните не смеат да бидат оставени во неизвесност, ниту да ги трпат последиците од институционалните пропусти. Нивните заштеди, нивните пензии и нивната финансиска сигурност мора да бидат приоритет!“, рече Лукаревска.
Линк до видеото :
