Бочварски до Андоновски: Како тоа дававте лиценци за Алта банка, а сега сте администратор?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од привремениот администратор Илија Андоновски да ја објасни својата претходна улога во процесот на супервизија и лиценцирање на банката.

Бочварски праша дали Андоновски учествувал во давањето лиценци и дали тогаш имал сознанија за прекршокот констатиран од Европската централна банка при обидот за влез во Адико банка во Австрија.

„Дали согласно претходната ваша позиција, директор на Дирекција за супервизија и лиценцирање во Народната банка, при влегување на Алта банка Србија во Македонија имавте сознанија за прекршокот кој го констатирала Европската централна банка при нејзиното влегување во Адико банка Австрија и дали имавте удел во давањето на лиценците на акционерите и на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка Битола“, праша Бочварски.

Тој нагласи дека улогата на Андоновски, назначен за привремен администратор на 1 ноември 2026 година, е особено значајна поради состојбите во банката и обврските кон граѓаните и компаниите.

„Вашата улога во овој период, во оваа банка е многу значајна, посебно поради состојбите во банката, а тие се загрижувачки, гледајќи ги редиците наши сограѓани кои цел ден чекаат пред вратите на оваа банка да си ги повлечат средствата со цел да вратат можеби кредити, да си ги платат сметките за струја и вода, да купат храна од маркетите, лекови и така натаму“, истакна Бочварски.

Во обраќањето тој презентираше податоци за влошувањето на финансискиот резултат на банката. Според бројките што ги наведе, во првите три квартали од 2025 година банката остварила добивка од 49 милиони денари, додека во истиот период од 2026 година прикажала загуба од 48 милиони денари.

„Нето приходите од камати паднале за 8%. Нето приходите од провизии паднале за 29%. Значи од добивка во 25-та година од 49 милиони денари преминала банката во загуба од 48 милиони денари во оваа 26-та година“, посочи Бочварски.

Тој побара администраторот да ја презентира актуелната состојба и да одговори дали банката може целосно и навремено да ги подмири обврските кон депонентите и доверителите.

„Дали врз основа на актуелната финансиска состојба на Алта банка АД Битола, банката располага со доволно ликвидност за целосно и навремено подмирување на обврските кон своите депоненти и доверители и дали нејзината финансиска позиција овозможува одржливо и рентабилно работење во идниот период“, праша Бочварски.

Дополнително, побара конкретно објаснување за причините поради кои банката преминала од позитивен во негативен финансиски резултат.

„Дали согласно увидот којшто еве во изминативе десетина дена го имате во Алта банка Битола можете да објасните што се случувало во 26-та година и кои се главните причини што банката од добивка преминува во 26-та година во загуба, со што се загрозува и нејзиното работење“, праша пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски.

Линк до видео: