Мицкоски раскажува бајки, цените растат, а граѓаните живеат сè полошо. Реалноста е очекуваното поскапување на парното и струјата, нема зголемување на минималната плата, а граѓаните се соочуваат со сè поголеми трошоци, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Мицкоски се бори само за своите криминални тендери и за својот профит како шеф на организираната криминална група што ќе ја осиромаши земјата во целост. Реалноста е дека луѓето живеат полошо. Реалноста е очекуваното поскапување на парното и струјата. Реалноста е дека нема зголемување на минималната плата – само бајки. Пари во буџетот нема, пари за граѓаните нема. Но знаеме каде има – кај Мицкоски и неговата банда“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека вистинската слика за македонската економија е сосема поинаква од онаа што ја претставува Мицкоски, а тоа го потврдуваат и најновите проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Каква трета економија, Македонија е на дното во Европа. Според ММФ, Македонија е на 41. место меѓу 48 европски економии по проектиран БДП по жител. Проекциите на ММФ велат дека БДП по жител во Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија, Црна Гора и Албанија. Разликата со најбогатите европски економии останува огромна. Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите. Граѓаните оваа реалност многу добро ја знаат, ја чувствуваат секој ден. Цените се до плафон, а платите стагнираат. Кошничката е 90 илјади денари со стан, ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци. Ова е сè она што СДСМ го зборува последната година. Сега потврдено и од ММФ“, истакна Филипче.
Линк до видеото :
Линк до видеото :
https://www.facebook.com/reel/1894990851877617

