Лукаревска: Наместо повисоки плати, буџетот носи нови долгови, камати и зголемени трошоци

Facebook
Twitter
LinkedIn

Владата планира нови задолжувања, ги зголемува трошоците за камати, а ги крати средствата за образованието, енергетиката, спортот и културата. Работниците остануваат без конкретна поддршка, додека 713 милиони евра доспеани, а неплатени обврски ја отсликуваат загрижувачката состојба со ликвидноста на буџетските корисници, посочи пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостувањето во „24 Анализа“.

„Предложениот буџет е еден од најгломазните можеби што сме го имале како држава. Овде повторно доаѓа до израз моментот дека повеќе ќе има средства за тековни трошоци или за тековни потреби. Инвестицискиот момент го нема, иако беше доста бомбастично најавувано. Да не заборавиме, во фискалната стратегија беше наведено дека ќе имаме 3% дефицит, а сега гледаме дека во овој буџет дефицитот оди на 3,5%“, посочи Лукаревска.

Лукаревска потенцираше дека наместо вложувања во клучните области за граѓаните, буџетот предвидува кратења во образованието, енергетиката, спортот и културата.

„Се крати и во образованието, се крати во енергетиката, се крати во субвенциите за спортот, имаме одредени кратења во културата. Така што, немаме зголемување онаму каде што е најпотребно“, рече Лукаревска.

Таа посочи дека особено загрижува недостигот на пари за програмите на кои укажува и Европската комисија, додека истовремено се зголемуваат одредени патни и дневни расходи.

Во однос на зголемувањето на минималната плата и односот на Владата кон работниците, Лукаревска потсети дека СДСМ повеќепати предложи решенија за зголемување на минималната плата, но тие не добија поддршка од владејачкото мнозинство.

„Неколку пати обид направивме за да се зголеми минималната плата, меѓутоа не наидовме на позитивен одзив од страна на управувачкото мнозинство. Ако сакаат да се договорат, досега ќе се договореа. Но затоа тука е неопходна поддршката од државата. Овој буџет и ребалансот претходно повеќе ги фаворизираат работодавачите отколку што ги фаворизираат работниците. И дајте, ве молам, кажете: прифаќате минимална плата, не прифаќате минимална плата? Ќе гласате за повисока минимална плата или нема да гласате за повисока плата?“, рече Лукаревска.

Лукаревска дополнително укажа и на доспеаните, а неплатени обврски на буџетските корисници.

„Но она за коешто треба ние да зборуваме овде е тоа дека имаме доспеани, а неплатени обврски од 713 милиони евра. Со таа бројка што правиме?“, истакна Лукаревска.

Таа посочи дека проблемот не е само во висината на задолжувањето, туку и во финансиската состојба на институциите, општините и здравствените установи. Општините се презадолжени, а дополнително растат и обврските на болниците, клиниките и здравствените домови.

„Од 30 јуни 2024 година до 30 јуни 2026 година, државниот и гарантираниот долг заедно се зголемиле од 8,81 на 10,6 милијарди евра, односно за околу 21,2%. Да не го заборавиме и кредитот од Унгарија, како и издадените обврзници и најавите за ново задолжување во 2027 година. Значи, досега над 2 милијарди евра имаме заложување“, посочи Лукаревска.