Филипче: Сите пропагандни лаги на Мицкоски дека политиките на СДСМ се предавство паднаа во вода

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, истакна дека сите пропагандни лаги на Христијан Мицкоски и ВМРО, со кои со години ги обвинуваа СДСМ и претходната влада за наводно предавнички политики, паднаа во вода. Филипче посочи дека изјавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија е добредојдена во Европската Унија со својот идентитет и јазик, се најдобар доказ дека граѓаните биле манипулирани со лажна пропаганда.

„По примерот на претседателката Фон дер Лајен која што кажа дека нас не чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик, зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода“, рече Филипче.

Тој нагласи дека Мицкоски и ВМРО со години водат организирана пропаганда, претставувајќи го секој чекор кон Европската Унија како предавство, со единствена цел да ја оправдаат сопствената неспособност и блокадата на европскиот пат.

„Затоа што благодарение на пропагандата со која што СДСМ, јас, сите ние, претходниот состав, претходната влада и така натаму, сме обвинувани од страна на Христијан Мицкоски и целата сега владејачка гарнитура дека сме носеле предавнички политики, дека сме биле сервилни или со свиткана кичма или како е тоа богатиот вокабулар на Христијан индиректно и вас ве обвинува и Европската унија ги обвинува дека на некој начин уценува земја кандидат за членство во Европска унија со нешто што бара отстапка“, рече Филипче.

Филипче предупреди дека зад оваа пропаганда стои антиевропски наратив, кој се шири преку медиуми блиски до Орбан и Вучиќ, додека Македонија се повеќе се оддалечува од европските интеграции и останува изолирана од регионот.

„Имаме работа со силна пропаганда тука која што сѐ ќе претстави како предавство. На крај ќе не убеди дека е добро да бидеме руска провинција некоја, да копаме руда и добро ќе биде за мали пари за сите нас. Тоа ќе не убеди пропагандата под силните медиуми на Орбан и на Вучиќ“, рече Филипче.

Тој посочи дека последиците од ваквата политика на власта веќе се видливи, а Македонија е единствената земја во регионот која останува надвор од новиот европски план за проширување, иако до неодамна беше во истата група со Албанија.

„И резултатот е тој кој што е. Сега кога, како што и евроамбасадорот кажа дека после 25 години за првпат се случува нешто сериозно и големо во делот на проширувањето, кога за првпат за четири земји има јасен патоказ што ќе се случува, кои ќе бидат следните чекори заклучно со 2028, 2029, 2030 година, значи во овој мандат на оваа Европска комисија, ние не сме во таа група“, рече Филипче.

Притоа, Филипче укажа и на двојните стандарди на Мицкоски, кој додека е во странство ги потврдува идентитетот и јазикот, дома продолжува да ја храни јавноста со истата националистичка пропаганда.

„Пред три дена го слушаме во Германија или кај беше на некоја средба, го потврдува идентитетот Преспанскиот договор, а јазикот е потврден во Обединетите нации. Епа двојни стандарди. Еден говор за странство, друг за дома. За да тонеме во изолација и во сиромаштија, зашто останавме и без младина и без пари. И затоа што ќе одиме во провалија со овој начин“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди дека цената на изолацијата ја плаќаат граѓаните, младите заминуваат, а државата ги пропушта можностите за развој и европска поддршка.

„Нема да има назад. Три илјади деца помалку се запишаа во прво одделение годинава. Три илјади млади семејства се иселиле од земјава. Не е тоа демографски податок во смисла на број на раѓања. До година кој знае колку семејства помалку ќе имаме и колку првачиња помалку ако продолжи оваа изолација.“, рече Филипче.

Линк до видео: