Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека СДСМ бара кривична и политичка одговорност за скандалот со Алта банка. Тој го повика Обвинителството сериозно да ги разгледа поднесените кривични пријави и соопшти дека СДСМ поднесува интерпелација за работата на гувернерот Трајко Славески.
„СДСМ поднесува интерпелација за гувернерот Трајко Славески во Собранието. По веќе поднесените кривични пријави, во контекст на кои го повикувам обвинителството сериозно да ги разгледа, сметаме дека треба да има и политичка одговорност за работата на гувернерот Трајко Славески по повеќе основи“, рече Филипче.
Филипче потсети дека СДСМ цела година предупредувал за Алта банка и побара Славески да одговори како биле проверени сопственикот Давор Мацура и потеклото на парите пред банката да влезе во Македонија.
„Како дозволи влез на Алта банка на нашиот финансиски пазар? Како дозволи влез на банка за која веќе една година предупредуваме дека е криминална банка, банка во која се перат пари од криминалниот режим на Вучиќ, кој падна, банка за која сите српски медиуми укажуваат дека е балканска пералница на пари? На кој начин го проверија кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура, кој сега е осомничен за криминал во Србија?“, праша Филипче.
Тој побара да се разјасни и улогата на премиерот Христијан Мицкоски во постапката, откако Славески кажал дека се консултирал со него пред влезот на Алта банка.
„Трајко Славески ќе треба да одговори и за тоа што разговарал со премиерот Христијан Мицкоски. Како тоа се консултирал со премиерот и кои се официјалните надлежности на Христијан Мицкоски во однос на влезот на која било банка, а особено на ваква криминална банка кај нас? Што му кажал кога разговарале?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека последиците од одлуката ги чувствуваат граѓаните и компаниите што не можат да дојдат до своите средства.
„Како тоа дозволи да се загрози капиталот, односно парите на нашите граѓани? Некој цел живот штеди во Стопанска банка Битола, а сега не може да си дојде до парите. Истото важи и за компаниите и државните институции“, рече Филипче.
СДСМ бара Собранието да ја утврди политичката одговорност на Славески, а Обвинителството да постапи по кривичните пријави и да утврди кривична одговорност во скандалот со Алта банка.
Линк до видео:
