Соопштение за јавност
Го отворам првиот дигитален Конгрес на СДСМ!
Почитувани делегати, почитувани другари и другарки социјалдемократи, почитувани граѓани, новинари, почитувани гости од земјава и од странство, претставници на политичките партии од државата, регионот и од Европа.
Во време кога ние, со целиот свет, се соочуваме со постојана борба против коронавирусот, СДСМ застанува одговорно, да направи пресек на сработеното и да ги дефинира новите стандарди, европските стандарди како задолжителни одредници и репери во своето работење. На овој Конгрес, уште повеќе се демократизираме, продолжуваме да се менуваме, ја зголемуваме отчетноста, преземаме храбри чекори и вложуваме огромен напор, за да обезбедиме најдобро за сите наши граѓани, за секој македоински граѓанијн да живее подобро, помирно, помотивирано.
Ова е првиот дигитален Конгрес на СДМ и првиот дигитален конгрес на која било политичка партија во земјава, целосно обезбеден со електронски начин на комуникација, преку конференциски видео врски со оштинските организации. Имаме обврска да се грижиме за здравјето на граѓаните, затоа највнимателно пристапуваме и успеваме да организираме Конгрес со актувно учество на сите делегати, од далечина. И на овој начин, СДСМ дава пример што значи одговорност. Институциите ги водиме одговорно, но и партијата е одговорна.
Ова е отчетен Конгрес, согласно Статутот на СДСМ. Тука сме пред вас, пред делегатите кои го црпите целосниот легитимитет од сите членови на СДСМ – тука сме пред целата партија, пред сите членови и пред целиот наш народ, стоиме со крената глава, горди и достоинствени – и зборуваме за резултати, за успеси, за подвизи, за преминати препреки и за многу победи. За многу победи на граѓаните.
Овој Конгрес доаѓа после победата на предвремените парламентарни избори на кои граѓаните повторно ни ја дадоа довербата, ни ја укажаа честа да продолжиме по вистинскиот пат. Овој Конгрес е после изборна победа на СДСМ од позиција на владејачка партија.Нешто што се случи прв од постоењето на партијата имајќи во предвид дека е во 1994 год. Тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ се повлече од учество на изборите во вториот изборен круг
Тоа е доказ дека нашиот народ ги препозна нашите искрени заложби, нашите политики кои донесоа придобивки за сите граѓани и за целата држава. Политики кои ја обезбедија иднината на нашата татковина и го гарантираат напредокот, економски, интеграциски и демократски.
На фер, слободни, демократски и најважно, избори безбедни по јавното здравје, граѓаните дадоа силна поддршка на концептот на СДСМ и коалицијата „Можеме“, концепт кој води напред кон развој, напредок и интеграција.
На 15 јули граѓаните испратија јасна порака, дека државата мора да продолжи на вистинскиот пат, а на тој пат е најсигурно со СДСМ. На тој пат, победите на СДСМ се победи на граѓаните, победи за подобар живот на сите.
Темелите на овие победи ги поставивме уште во 2015 година, преку „Вистината за Македонија“ и најголемиот граѓански протест од 17 мај, 2015 година.
Потоа се случи и Шарената револуција, најмасовната и најразнолика форма на граѓански, слободарски отпор против режимот.
Во 2016 заедно со сите граѓани урнавме режим!
Месеци подоцна, по неуспехот на режимот да спречи демократски промени и неуспешниот државен удар на 27 април, ја добивме честа и одговорноста да формираме демократска влада. Заедно со граѓаните ја вративме слободата и демократијата. До 2016 година се шепотеше, сега гласно се зборува. Слободата и демократијата се заедничка победа наша, на СДСМ, со нашиот народ. За тоа сме горди и тоа е наш аманет, наша вредност, да ја чуваме и да ја унапредуваме слободата и демократијата.
Убедливо победивме на локалните избори во 2017, во над 50 општини ширум земјава.
Во 2018 година над 610.000 граѓани гласаа ЗА членство во НАТО и ЕУ, ЗА договорот од Преспа, за да одиме напред. 610.000 граѓани тој ден, излегоа од дома и дадома огромна, масовна поддршка за патот напред. На тој референдум видовме дека патот напред нема достоен противник.
Процесот на интеграција во ЕУ и НАТО стана политичка понуда, политичка идеја со досега најголема поддршка од граѓаните во историјата на државата. СДСМ е предводник на оваа интеграциска политика. Со СДСМ, за само 3 години станавме 30 членка на НАТО и добивме одлука за почеток на преговори со ЕУ. Членството во најмоќниот сојуз, НАТО, е победа на граѓаните и победа на СДСМ.
На изборите во 2019 година Северна Македонија доби Претседател, дефиниран и предложен од СДСМ, поддржан од многу политички партии, од сите етнички заедници на државата. Тоа го може СДСМ, тоа СДСМ го прави најдобро, обединува, води напред. И повторно победа, како јасна потврда на курсот по кој ја водиме земјата, како верификација на нашите јасни и изричити евроатлантски и демократски определби.
Победивме на парламентарните избори оваа година, на 15 јули и еве не денес, ја имаме честа и одговорноста да продолжиме да ги предводиме институциите, да работиме во интерес на граѓаните и државата.
Имаме мотив, имаме волја, имаме и сила и енергија да продолжиме да работиме уште повеќе, за да биде уште подобро за сите.
Во скратен мандат, за помалку од три години постигнавме многу, на речиси сите полиња. По решавање на спорот со Грција во интерес на двете држави, по Договорот со Бугарија, после темелниот демократски и реформски пресврт во земјата, се отворија вратите на евроатлантската перспектива.
Денес сме 30 земја членка на НАТО, остваривме една од двете стратешки цели. Денес, Северна Македонија е еднаква и рамноправна со останатите 29 земји членки на најсилниот воено-безбедносен сојуз.
Имаме обезбеден и признат македонски национален идентитет од целиот свет. Македонскиот јазик е впишан во нашата лична карта во ОН, имаме држава со имотен лист!
Одиме напред кон ЕУ и имаме јасни очекувања, одржување на првата меѓувладина конференција и започнување на преговарачкиот процес. Силна поддршка за тоа, меѓу другите имаме и од нашите пријатели од Партијата на европски социјалисти.
Токму оваа европска партија пред неколку денови донесе заедничка изјава со која од Советот на ЕУ бара, преговарачката рамки со Северна Македонија да биде усвоена до 10 ноември, а првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на оваа година.
Драги пријатели од ПЕС, ви благодариме на оваа силна поддршка. Нашето членство ви благодари, нашиот народ ви благодари.
Покрај на надворешен план, остваривме сериозни успеси и дома. Веднаш се фативме во костец со долгогодишните проблеми и еден по еден ги решававме во интерес на граѓаните.
Преку сериозен и одговорен процес, преку политики отворени кон и за сите граѓани, успеавме сериозно да ги зголемиме платите во нашата држава. Денес, минималната плата е повисока за 5.500 денари, а просечната за над 4.700 денари споредено со 2017 година.
Сериозно ја намаливме стапката на невработеноста, а ја зголемивме социјалната помош и креиравме мерки за трајно извлекување од сиромаштија.
Ја вративме демократијата, слободата и правдата во државата, градиме силен правосуден систем кој ефикасно и неселективно се бори против секаков вид на криминал и корупција.
Кризата со коронавирусот не исправи пред нови сериозни предизвици. И ние и светот се соочивме со досега непозната состојба која бараше внимателност, но и решителност и подготвеност брзо, ефикасно и навремено да се дејствува.
Презедовме навремени чекори кои првенствено имаа за цел ублажување на првите удари врз здравствениот систем и успеавме. Потресните слики кои ги гледавме во Италија и Шпанија, не ги гледавме низ нашите болници. Здравствениот систем се справи со првиот бран од коронавирусот.
Паралелно со здравствените мерки, носевме и економски мерки и политики за помош и поддршка на граѓаните и стопанството.
Преку трите пакети економски мерки спасивме стотина илјади работни места од најпогодените сектори, помогнавме со финансии за потрошувачкана над 300.000 граѓани и со тоа ја зголемивме побарувачката на домашни македонски производи и услуги.
Имаме нов активен пакет економски мерки, мерки за сите, поддржани од клучните чинители, од работниците, од синдикатите, од бизнисите, од трговијата, од производството. 470 милиони евра преку ребалансот на Буџетот ќе завршат кај граѓани и кај компании погодени од кризата.
Справувањето со последиците од коронавирусот останува врвен приоритет за владата и институциите што ги предводиме. Ова е период на силен есенски бран и кај нас но и низ цела Европа. Преку одговорни политики и мерки се посветуваме на заштита на јавното здравје, но и на реална, силна помош во справување со економските последици.
Посветени сме да го заштитиме сечие здравје, да спасиме што повеќе работни места, да помогнеме на што повеќе граѓани и компании и тоа ќе го правиме уште повеќе во следниот период.
Почитувани,
СДСМ победува, но покажува капацитет и одлучност, постојано да се менува.
Партијата станува се повеќе транспарентна, се поблиска до членството и граѓаните.
Во таа насока се и новите предлог статутарни измени кои денеска се пред вас почитувани делегати. Сакаме да обезбедиме уште поголема демократизација, уште поголема инклузивност и нова, позитивна трансформација на функционирањето на органите на СДСМ.
СДСМ е првата партија во нашата држава која на следниот Конгрес својот претседател ќе го бира на директни внатрепартиски избори, непосредно, секој член ќе може да гласа и дирекнто да одлучува кој и како ќе ја води партијата.
Првите вакви избори е планирано да се одржат веќе следната година, кога истекува мандатот на ова раководство.
Со предлог измените кои денеска се пред делегатите воведуваме родова еднаквост меѓу мажите и жените, во органите на партијата. За прв пат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарни форми на организирање, чие постоење не зависи од политичката волја на моменталното раководство. Претседателите на Форумот на жени и на СДММ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас. На сите нивоа, државно, градско и општинско.
За првпат, СДСМ ќе добие и Форум на пензионери.
Статутарните измени предвидуваат и зајакнувања на капацитетите и овластувањата на Форумот на жени, Социјалдемократската младина на Македонија, Организациониот секретар, Секретарот за меѓународна соработка, како и Комисиите на партијата.
Конечно, со на овој Конгрес, СДСМ впишува црвената боја, како своја боја, тоа е бојата на социјалдемократијата, на победата, на левицата, бојата на слободата, бојата на животот, тоа е бојата на македонската иднина. Новит лик на СДСМ не се случи преку ноќ – заедно, напорно работевме сите наши членови, годините наназад и успеавме. Имаме силен СДСМ, динамичен, моќен, цврст, стабилен, прогресивен.
Тоа е нашиот бренд. Цврст, моќен и прогресивен СДСМ, партија и организација која ги следи најновите европски патокази на Европската социјалистичка партија.
Преку овие измени на Статутот СДСМ станува уште поодговорна, уште поевропска и помодерна партија посветена на реалзиација на мерки и политики што значат подобра иднина за сите. Очекувам дека низ плодна, аргументирана дебата тие ќе бидат усвоени од страна на Конгресот.
Би сакал да се заблагодарам на Прогрес Институтот за Социјална Демократија за помагањето на работната група при изготвувањето на статутарните промени, а со тоа и на нашите партнери, Меѓународниот Центар Олоф Палме од Шведска.
Почитувани,
Додека ние се менуваме, внесуваме нови современи пракси, додека ја зајакнуваме демократијата, отвореноста и отчетноста на партијата, кај нашите политички противници ништо не се менува. Напротив, тие уште посилно ја следат режмско-криминалната матрица. Тие се уште се заробени во сопствената лага, во сопствената манипулација.
Заглавени во минатото, во обид да го одбранат криминалот на режимот, го без чувството за релност, без грам одговорност кон сопствениот народ.
Во јавноста преовладува мислењето дека на СДСМ и одговара Мицкоски да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ затоа што тоа е гарант за нови победи на партијата.
Ние сме свесни дека Мицкоски нема поддршка од граѓаните, но СДСМ мисли на државата а не на своите партиски интереси. А за државата е добро да има прогресивна опозиција, која нема да го кочи напредокот, нема да ја кочи интеграцијата во ЕУ, која ќе биде одговорна, а не деструктивна.
Последните случувања околу измените на Законот за заштита на населението е последниот доказ за тоа. Мицкоски се противи мерките кои треба да ни го заштитат здравјето. Со овој потег, Мицкоски и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат колкава опасност се за нашата земја, за нашиот народ. Овој пат се опасни по јавното здравјте. Не им е важно здравјето на граѓаните, свесно и намерно работат да го поткопуваат здравствениот систем. Тоа го правеа и во техничката влада, го прават и сега како опозиција во Собранието.
Еве нека гледаат нас и нека научат нешто, нека земат слободно идеи, само нека запрат со штетата која и ја прават на македонската држава. Да запрат со нападите врз демократијата, светоста на Северна Македонија.
Со овој конгрес и со предлог измените СДСМ поставува нови демократски стандарди на партиско делување во Република Северна Македонија. Ги охрабрувам и другите партии да го следат нашиот пример и да се менуваат на подобро. Тоа ќе биде додадена вредност за нашата македонска демократија и за нашиот политички плурализам.
На крајот, пред да започнеме со работниот дел дозволете да им се заблагодарам на досегашните делегати на Конгресот, но и да им честитам на новите делегати, да им посакам успешен и плоден мандат.
Заедно да продолжиме да креираме и создаваме мерки и политики кои ќе ги следат потребите на нашите сограѓани.
СДСМ како одговорна и државотворна партија, како партија предводник на Владата и парламентарното мнозинство останува сериозно посветена на реализација на мерките и политиките од Програмата што обезбедуваат развој, напредок и подобар живот за сите.
Продолжуваме да покажуваме дека можеме уште повеќе и уште подобро.
Благодарам!
Пред да преминеме на усвојување на дневниот ред, имајќи го предвид интересот на јавноста и фактот што ќе дискутираме и за Извештајот за парламентарните избори , го повикувам генералниот секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб, Љупчо Николовски да се обрати, за делегатите да имаат време да ги разгледаат предложените материјали.