Интегрално обраќање на генералниот секретар Љупчо Николовски на 25. Конгрес на СДСМ

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Интегрално обраќање на генералниот секретар Љупчо Николовски на 25. Конгрес на СДСМ

Почитуван претседател!

Почитувана заменик претседателке!

Почитувани потпретседатели!

Почитувано раководство на партијата!

Почитувани делегати, другари и другарки!

Почитувани македонски социјалдемократи!

Почитувани гости, претставници на Коалицијата Можеме, наши коалициони партнери во Владата!

Почитувани претставници на медиумите кои што не следат!

Почитувани граѓани!

Ви благодарам за вклученоста и за вниманието.

На делегатите на Конгресот на СДСМ им посакувам успешен мандат во периодот 2020-2024 и успешна работа на овој прв дигитален Конгрес.

На почеток, сакам нешто лично да кажам,

Одржувањето на овој дигитален Конгрес , на еден нов, современ, поинаков начин, за прв пат во нашата татковина и мене и целото раководство, не прави горди!

Не заради тоа што ние сме дел од СДСМ, дел од самата организација, не затоа што за прв пат ова се одржува во нашата земја.

Затоа што уште еднаш СДСМ докажува како се однесува една најпрогресивна, најсилна, најорганизирана, брза, европска и одговорна партија!

Овој дигитален Конгрес е континуитет на заложбите на СДСМ да го заштити здравјето на сите граѓани и да овозможи функционалност на процесите со помош на современи и дигитални платформи.

СДСМ е пример за одговорност.

Следејќи ги и почитувајќи ги протоколите за заштита, СДСМ организираше избори кои беа максимално безбедни за сите граѓани, а успеавме да допреме до секој човек, да ги пренесеме нашите пораки, нашите проекти и ветувања, на коишто како одговорна Влада, веќе работиме на реализација.

Ја користевме модерната технологија, медиумите, дигиталните мрежи, а нашето присуство на терен беше согласно сите здравствени протоколи за заштита.

Почитувани другарки и другари,

Зад нас е многу значајна победа на парламентарните избори, формирање мнозинство во Парламентот и раководни структури во Владата и институциите за повторно, со нов, чист мандат од граѓаните да им служиме, и на граѓаните и на нашата татковина.

Оваа победа се должи на многу труд, работа, себе-жртвување, се должи на државен, но и на соодветен, демократски и партиски ангажман. Се должи и на создавање нов партиски систем на работа, отчетност и следење на работата, организирано, темелно и би рекол одговорно однесување.

Пред вас делегатите денеска е скратена верзија од Извештајот за парламентарните избори, кој што е усвоен од Извршниот и Централниот одбор и којшто е изработен од Централниот изборен штаб кој што го водев. Со должно внимание ве повикувам да го погледнете, да ги кажете вашите мислења и сугестии, вашите забелешки и заедно да го усвоиме.

Покажавме дека тимската работа, фокусирање на интересот на татковината и на граѓаните заедно со воспоставување на функционален систем е клучот за успехот.

На овој успех му претходеше период на силен партиски ангажман и силно присуство на терен каде директно сите наши функционери и кандидати, очи во очи разговараа со граѓаните, ги презентиравме нашите идеи, проекти ја пишувавме нашата програма и ги слушавме предлозите и сите забелешки.

Блгодарен сум на поддршката од граѓаните ама Ви благодарм и на Вас на целокупната поддршка. И кога ја презедов одговорноста и честа да бидам генерален секретар, но и кога воведовме нов систем на работа и функционирање на партијата. Сакам да се заблагодарам и на мојот тим и мојот кабинет, без Вас, без нив, без никој од Вас немаше овој систем и нов начин на работа на партијата да биде успешен.

Само ќе потсетам. Уште минатата година започнавме со концепт на серија отворени граѓански трибини на кампањата „На прав пат“ кои се одржаа во сите поголеми градови во државата. Следуваа маалски и урбани средби. Продолживме со програмските трибини, како дел од кампањата „Агенда 20-24“ каде ги презентиравме клучните проекти и политики од новата програма на СДСМ.

Речиси 2000 активности опфаќа овој извештај, систематизирани по многу области и многу аспекти. За периодот на функционирање на Централниот изборен штаб (ЦИШ) од извештаите имаме целосна евиденција дека Општинските изборни штабови (ОИШ) одржале вкупно 859 состаноци на самите штабови, ЦИШ заседаваше 34 пати, шефовите на ОИШ одржале 195 состаноци со претседателите на месни одбори, одржани се 149 состаноци со различни целни групи на општинско ниво, 303 средби на терен во месните одбори, 560 маалски и урбани средби, и како што кажав, 36 трибини низ целата земја и други евидентирани активности, односно околу 1809 вкупно активности, 92 средби со нашите коалициони партнери и 132 отворени денови за граѓаните.

Не се ова голи бројки, ова се параметри кои покажуваат темелност, посветеност, работа и само работа.

Затоа СДСМ денеска е најнапредна и најмодерна партија која функционира соверемено, брзо европски по строги и високи стандарди кои постојано ги унапредуваме.

СДСМ денеска повторно и постојано е со граѓаните. Над 60 маалски средби одржавме преку нашите функционери, министри и членови на партиски органи во изминатиот месец, почитувајќи ги протоколите за заштита на здравјето. Го слушаме и денес, веднаш после изборите, веднаш по формирањето на Владата гласот на секој наш човек, на секој граѓанин, во секоја општина, ширум државата. И така треба да продолжиме.

Почитувани делегати, почитувани македонски социјалдемократи,

Зборуваше претседателот за статутарните измени кои денеска ги предлагаме, јас само сакам кратко да дополнам.

Во Преамбулата на Статутот, покрај слободата, еднаквоста и солидарноста како основни социјалдемократски вредности и демократијата како цивилизациска вредност, ја додадаваме и, клучно, ПРАВДАТА. Правдата и економијата се основните обележја на трајната посветеност на нашата партија.

Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс за однесување за членовите на СДСМ. Надзорниот Одбор ќе биде задолжен за неговата примена, согласно новите измени на Статутот, доколку ги усвоиме, а сите членови, од партиските активисти до Претседателот ќе бидат еднакво обврзани кон вредностите на СДСМ.

Ние сме нова генерација, која пред себе ја има можноста да креира нов профил на политичари, нова дефиниција на политичар во нашето општество.

Политичари коишто се водат според највиоските морални и етички вредности, кои сами на себе треба да бидат најсилна контрола.

Сликата дека политичарите се корумпирани, арогантни или постојано дека се лепат разни етикети. мора да ја избришиме засекогаш. Ние ја имаме шансата да го направиме тоа и верувајте, сите заедно мора да го направиме.

Јасна и транспарентна организација која се потпира на социјалдемократската идеологија, на правда и на правичност.

Никој да не смее да си дозволи да го наруши угледот и достоинството на членовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на самата партија во целина. Никој не смее ниту да се понадева да прекршува закони и да смета на заштита од СДСМ.

Сега е време на ред, на правда на дисциплина, време кога сите се еднакви пред законите и тоа граѓаните го очекуваат од секој нас. Секој еден за кој има и макар малку сомневања дека го прекршил законот, ќе треба се соочи со законот, без разлика дали е член или функционер на СДСМ, дали е дел од некој од нашите коалициони партнери или е дел од некоја друга политичка партија во државата.

Тоа да биде кристално јасно.

Јасно ќе ја декларираме и нашата основна цел – гарантирање на благосостојбата на граѓаните, одржлив општествен и зелен развој и еднаква грижа за сите граѓани.

Младинското учество во партиските органи и во сите процеси ќе биде зајакнато.

Со новиот Статут се предвидуваат и организациите на СДСМ во другите држави, надвор од Северна Македонија. Тие ќе учествуваат во работата на партијата конечно преку свои делегати и ќе добијат официјално и статутарно признание за нивната долгогодишна несебична помош и нивниот третман во партијата.

Најранливите категории на членови ќе бидат статутарно ослободени од плаќање членарина. Ќе ја регулираме со статут и ќе ја заштитиме рааботата на Комисиите на СДСМ. Така, нашите членови ќе бидат уште помотивирани да придонесат со своја стручна работа преку работните тела на партијата, а потпретседателите на централниот одбор со новите измени на статутот се потпретседатели на партијата, односно нивната улога ја јакнеме.

СДСМ ќе има од 2 до 4 потпретседатели и тоа е нов момент во нашиот развој.

СДСМ за прв пат воведе мониторинг систем врз работата на Општинските организации и мерит систем. Тоа ќе го надградиме. Реализација на дадените задачи од страна на централата на СДСМ, од страна на раководството и на органите, по предвидениот календар на активности, којшто важи за сите и за општинските организации и за сите функционери пред претседателот ќе се следи и нивната реализација.

Редовна анализа и контрола на ветувањата и исполнувањето на нашите проекти и ветеното пред граѓаните останува врвен приоритет на овој воспоставен систем.

Континуирана комуникација за сработеното внатре и надвор од партијата.

Евалуацијата на работата базирана на резултати, етички принципи, социјалдемократски вредности за секој назначен функционер се исто така приоритет, но и постојана едукација и истражување на разни теми на јавното мислење.

Континуираната едукација и екипирање на партиските стручни служби во партијата ќе продолжи и со новата систматизација, која ќе ја носи Изввршниот одбор на следниот состанок.

Тоа се столбовите, кои што ги надградуваме во делот на нашиот систем на работа.

Нашата цел е зголемена ефикасност и мобилност на секој функционер и на целата партија која ќе овозможи континуитет во работата на партијата, исполнувањето на нашите програмски ветувања, на изборните програми и на она што сме го ветиле пред граѓаните, а тоа значи и постојана и зголемена пристуност по изборите и системски постојано со граѓаните на терен.

Најавувам дека во пресрет на локалните избори ќе продолжиме да функционираме на ниво на сектори, во некој вид на полу-штабско работа, постојано.

Од секој наш член очекувам максимален ангажман, создадениот систем да го усовршуваме, да го надградиме и да го модернизираме и развиваме.

Нема застанување, фокусирани сме на граѓаните. Од нив го црпиме легитиметот и за нив постоиме, да реализираме што повеќе од нашата програма, од изборните програми, од нашите ветувања и да решиме што поголем проблем на секој граѓанин.

Очекуваме победа на локалните избори, и таа ќе започне од Штип.

СДСМ е партија која постојано се менува, унапредува и прераснува во отворена, максимално демократска, модерна, разнолика, партија која за прв пат воведува нови концепти и нов начини на функционирање. СДСМ станува партија која е пример за другите во државата, во регионот, во поглед на начинот на функционирање, на делување, во начинот на размислување, а од денес и со новите измени во самиот статуст.

И додека ние како СДСМ гледаме напред и правиме се што треба државата да напредува, од другата страна се ВМРО ДПМНЕ кои за жал се сеуште заглавени во времето од режимот, свртени само кон себе и кон личните интереси, заглавени во криминалните структури, командувани од надвор, од Будимпешта.

Јас знам дека и таму има луѓе кои наместо опструкции ќе понудат конструктивност и соработка, чесни и одговорни кадри и токму затоа им посакувам што побргу да се изборат и да се ослободат од криминалните стеги околу нив.

Почитувани сопартијци,

Има нешто што не трабда го дозволиме да се промени. СДСМ е партија од и за граѓаните. СДСМ е државотворна и пред се, патриотска партија. Тоа не смее и нема да се промени.

Драги мои социјалдемократки и социјалдемократи, пред нас имаме нови цели. Во однос на напредокот на државата, но и во однос на работата на партијата.

Време е да ја зголемиме динамиката на работа во СДСМ на уште повисоко ниво. Партијата да работи со полна пареа, соодветно на одговорноста којашто ја имаме добиено од граѓаните во овие изборни циклуси.

Заедно, можеме да постигнеме повеќе. Продолжуваме уште повеќе и уште подобро!

Ве повикувам заедно да продолжиме по патот кој го трасиравме, по правиот пат вистинскиот пат. Не само затоа што можеме уште повеќе и уште подобро! Пред се, затоа што ние од срце сакаме!

Тоа и го должиме на државата, тоа и го должиме на државотворната и патриотска партија, нашиот втор дом, нашето второ семејство, СДСМ.

Затоа што само со СДСМ, Северна Македонија е мирна и слободна, само СДСМ може да продолжи напред, да биде просперитетна, напредна, сигурна, рамо до рамо со најнапредните, најсилните, денес членка на НАТО, а членка и на ЕУ.

Само со СДСМ е можна слободата, само со СДСМ е можна демократијата, правдата, редот, економскиот напредок и вистинскиот патриотизам.

Благодарам!