Соопштение за јавност
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски останува партија без став и визија, заглавена во режимската матрица, до која не допира гласот на граѓаните.
А тој е повеќе од јасен. Граѓаните во изминатите четири години на сметка на ВМРО-ДПМНЕ испорачаа шест порази на изборни соочувања.
Мицкоски изгуби на локалните избори во 2017 година како носител на листата на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ беше поразена на референдумот во 2018 година, на претседателските избори во 2019 година, а истата година загуби и на предвремените локални избори во Охрид и во Ново Село.
Само пред пет месеци Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа поразени на предвремените парламентарни избори, а во неделата на изборите за градоначалник на Штип граѓаните ги поразија блокадите и опструкциите на опозицијата.
И покрај јасните пораки ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против интересите на граѓаните и против државните и националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ во очајни обиди да спечали евтини политички поени, а Мицкоски да си остане во својата фотелја во белата палата, на чело на партијата во стечај, секојдневно пласира лажни вести, дискредитации, измислици.
Лажеа дека се распродава македонскиот идентитет, лажеа дека земјата се распарчува, дека 100.000 луѓе останале без работа.
Шират невистини за пандемијата со коронавирусот од тоа дека нема доволно тестови и заштитна опрема, па до тоа дека не треба да се носат маски.
ВМРО-ДПМНЕ ги плашеше граѓаните дека во државата ќе се населат два милиони Африканци, лажат дека предметот историја се укинува во училиштата, лажат дека историјата се ретушира.
Деманти добиваат од сите страни, вистината ги демаскира нивните лаги, па дури и студија на ЕУ ги потврди губитникот Мицкоски и неговиот ментор од Будимпешта како дезинформатори.
Шест порази на изборите потврдуваат дека граѓаните одамна ги прочитаа нивните лаги и затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски уште долго ќе останат во опозиција.