Соопштение за јавност
Искрено се надевам дека без разлика на различните мислења и различните ставови, односно знам дека сите ние 120 пратеници немаме никаква разлика во ставот, мислењето за потребата за носењето на законот за попис, истакна денеска од парламентарната говорница пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.
Таа нагласи дека до ова законско решение се дојде низ конструктивен, транспарентен и навистина прилично стручен начин, затоа што стручни, компетентни институции беа инволвирани од самиот почеток, од утврдувањето на целите на овој закон, па низ операционализација низ сите законски одредби и тоа е факт.
Условно победи мислењето дека овој закон е една многу солидна основа, кој што е согласно меѓународни препораки и регулативи, кој што е согласно со нашето општествено политичко уредување, со нашиот устав, со заводот за статистика, може да пружи она што значи вистинска основа за една кредибилна, законска, сеопфатна многу сложена статистичка операција, нагласи Калеска Ванчева.
Јас одбивам иако и денеска слушам сомнежи дека ова било политичка операција, се претворило во политичка операција, зошто законот, начинот на носење на законот фрла сомнеж дека може да се претвори во политичка операција, а најголемиот аргумент е дека законот е со европско знаменце и не можам да се согласам дека клучниот аргумент зошто треба да имаме недоверба во законот и уште повеќе во институциите, кои се главни спроведувачи на законот е тоа што законот е со европско знаменце или затоа што ни еден од вкупно 37 амандмани не беше прифатен.
Калеска-Ванчева им порача на пратениците дека конечно треба да им се даде шанса на нашите институции на кои сме им дале закон, сме им дале овластувања ресурси и кои што покажаа дека имаат и знаење и умеење и капацитет, како да спроведат попис според современи стандарди.
Очекувам дека на крајот од оваа дебата ќе застанеме сите цврсто и како законодавен дом ќе ја дадеме искажеме довербата во законот и во волјата да ја направиме оваа статистичка операција, од која што зависи се во државата, зависи се за животот и добробитот на економијата на граѓаните и како да ги креираме политиките, нагласи Калеска Ванчева, додавајќи дека конечно како општество после 30 години самостојност во оваа држава треба да кажеме дека има консензус, има општествено политичка поткрепа за пописот.
Навистина не сакам да протолкувам дека фрлањето сомнеж на законот, се прави заради одбегнување на одговорноста, која секогаш најголема кај власта, но ние сите овде имаме одговорност и никогаш не можеме да побегнеме од неа, па колку и да сакаме однапред да се оградиме, истакна Калеска Ванчева.
Јас знам дека длабоко во себе и вие истото го мислите, но јас се надевам дека овој пат ќе изнајдете сила тоа да го демонстрирате преку кревање на зелено картонче и овој Закон да го донесеме онака како што доликува, да дадеме можност, целосен легитимитет на државниот завод за статистика, на 50-те пописни комисии, за 50-те региони, само така ќе покажеме сериозност и кредибилитет, порача денеска пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.