fbpx

Петровска: Секоја намера за одложување на пописот е деструктивна и злонамерна, спротивна на интересите на граѓаните и на државата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска денеска од собраниската говорница изрази задоволство што после 19 години ќе се спроведе попис како исклучително важна статистичка операција, нагласувајќи дека тоа не е само обврска туку должност на институциите редовно да ја спроведуваат оваа активност.

Одржувањето на пописот е важно од повеќе аспекти, со него се прибираат податоци, кои подоцна ќе бидат користени од страна на државните институции, но и од страна на приватниот сектор и од меѓународните институции кога се прават планови за развој и унапредување на општествено-економските текови во нашата држава, истакна од собраниската говорница пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.

Таа нагласи дека ние доцниме со одржувањето на пописот и затоа секоја теорија или намера за негово одлагање е за деструктивна и лоша намера, која е спротивна на интересите на граѓаните и на државата.

Како млад и прогресивен политичар немам намера тоа да го одобрам, ниту да го поддржам, рече Петровска, додавајќи дека обезбедувањето на податоците, кои се нужно потребни за рамномерен и правилен економски развој е нешто е од интерес на државата и граѓаните и токму затоа оваа операција ја сметам за патриотски чин.

Она што е особено важно за градење на довербата е дека при спроведување на пописот ќе се користат податоци од електронскиот регистар на население, кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со базите на податоци на другите институции. Значи дека е невозможно да се попишат лица, кои не постојат, нагласи Петровска.

Таа појасни дека во законот е предвидено да се користат базите на податоци на министерството за внатрешни работи, министерството за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, агенцијата за вработување, фондот за пензиско и инвалидско осигурување, управата за водење матични книги, управата за катастар на недвижности и на државниот завод за статистика.

Токму затоа не се оправдани стравувањата дека пописот нема да даде точни податоци, рече Петровска додавајќи дека базата на податоци на МВР за гранични проверки, не е наведена, бидејќи во неа согласно законот за гранична контрола и европските стандарди, сите лица и превозни средства кои ја поминуваат нашата државна граница не се евидентираат и ако се користи таа база на податоци нема да ја имаме точната слика.

Јас лично немам сомнеж дека пописот ќе биде спроведен по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и според прописите на Евростат, и што е најважно со овој закон е предвидена можност да се попишат сите државјани на нашата држава, за конечно да знаеме колку сме и каде сме. Овој закон не фаворизира ниту една етничка заедница и затоа секој обид за такво претставување го ценам како деструктивно и злонамерно, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.

Последни вести