Соопштение за јавност
Објавена е целата програма на Зоран Заев за директните избори на 21 март: Нова политика, СДСМ прв во промените!
Со Програмата Нова политика, СДСМ прв во промените Зоран Заев ја бара довербата од членството на првите директни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, закажани за в недела, 21 март.
Програмата којашто претседателот Зоран Заев ја претстави е објавена во интегрална форма и достапна на јавноста преку линк од официјалната интеренет страница на СДСМ (https://sdsm.org.mk/novapolitika).
Базирана е на пет клучни столбови и најавува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.
Прво, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ. Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе.
Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните, а функционерите мора да им служат на граѓаните.
Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот.
Народот веќе сведочи дека нема веќе недопирливи – во тоа почнаа да се уверуваат и тие кои беа најсомничави. Времето на неказнивост заврши, на ред е правдата. Истото важи и за сите од редовите на СДСМ. Членката книшка од партијата не значи привилегија туку уште поголема одговорност.
Охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови е третата точка од Програмата.
СДСМ е партија во која владее исклучително ниво на демократија, но секојдневно се промовираат почитуваат различни мислења, за дополнително да се зајакне демократијата. Нашата татковина, еднаш беше, но никогаш повеќе нема да биде земја каде вистината се шепоти, а лагите се извикуваат на цел глас.
Четврта точка е градење на СДСМ за новото време, млад СДСМ, прв во промените.
СДСМ ширум ги отвора вратите за сите оние ги поддржуваат, или се заинтересирани за идеите на социјалдемократијата, а досега не биле активно вклучени во политичкиот живот во нашата земја. Со младите, со прогресивните, доаѓат нови сили во СДСМ. Партија во која доминираат новите генерации.
Поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани е петтата точка од Програмата.
СДСМ е државотворната партија и гарантот за сигурна иднина на нашата современа татковина, партија која никогаш не скршнала од стратешкиот колосек од сојузшништвото со западниот демократски свет, на чело со ЕУ и САД. СДСМ ќе продолжи да биде посветена на креирање и реализација на економски политики кои повторно носат економски раст, нови работни места, уште повисоки плати и развојна македонска економија.
Низ сите овие политики целосно ќе биде пресликан и концептот за едно општество со еднакви шанси за сите, каде што ќе се смета на сите човечки капацитети, за СДСМ уште подобро и попосветено да им служи на граѓаните и државата.
Со организација на првите внатрепартиски, непосредни избори за претседател, СДСМ постави нови демократски стандарди во политичкото дејствување и постави пример за уште поголема демократизација на партијата.
На 21 март, во недела, секој член на СДСМ кој активно се регистрирал ќе има можност да гласа на првите директни внатрепартиски избори за претседател на партијата и со тоа да даде свој придонес во демократизирање на СДСМ.